Во Доџо-то за класични јапонски боречки вештини „Буџинкан
Македонија“, отсекогаш се посветувало внимание на Не Ваза* односно на техниките на борење на земја. Во вештините наследени од Такаматсу, овие техники најмногу се застапени во Такаги Јошин Рју и Шинден Фудо Рју. Многу од катите на овие две школи, завршуваат со техники на давење и лостови во лежечка или во седечка положба.
Во времето на средновековните самураи, до борење на земја доаѓало многу ретко, но имало ситуации кога за време на битката, воинот ќе останел без своето оружје. Доколку биде соборен на земја, преживувањето зависело исклучиво од вештината на употребата на сопственото тело односно голораката борба. Во таква ситуација, од клучно значење било познавањето на техниките на борба на земја односно во легната положба.
Следен од тие сознанија, шидоши Довезенски од 2001 година започнува темелно да ги истражува катите од школите на Буџинкан во кои има таков начин на борба, со цел да ги извлече најдобрите Не Ваза техники и да ги систематизира во каталог кој ќе може да го вежбаат неговите ученици. На крајот на 2009-та, инструкторот Довезенски ја завршува својата мисија, а на почетокот на 2010 одржува семинар на кој јавно го претставува системот Нинпо* Не Ваза®.
Што Довезенски вели за овој систем?
– „Кога одлучив да каталогизирам систем за борење на земја, воопшто не се раководев од желбата за создавање нешто ново или нешто мое. Соке Масааки Хатсуми отсекогаш велел дека неговите вештини треба да се прилагодуваат на времето и на културата во која што живееме. Всушност јас не измислив ништо, туку ги искористив техниките од школите на Буџинкан со цел да одговорам на начините на борба кои се карактеристични за времето во кое живееме. Сите знаеме дека за средновековните јапонски самураи, Не Ваза била последна опција, меѓутоа времињата се менуваат, така што денес борбата многу често завршува токму на земја. Од тие причини, одлучив да го систематизирам знаењето од класичните јапонски борбени вештини во еден систем што го нареков Нинпо Не Ваза“.
* Не Ваза ( 寝技 ) – борба на земја.
* Нинпо ( 忍法 )- начин на нинџата.