Организацијата Буџинкан Доџо (Bujinkan Dojo) е основана во седумдесетите години на минатиот век, од страна на соке Масааки Хатсуми, а во чест на неговиот учител Тошитсугу Такаматсу. Станува збор за интернационална организација со седиште во градот Нода, во провинцијата Чиба, во Јапонија. Буџинкан Доџо во превод значи „Двор на божествениот воин“ односно „Место каде што вежба божествениот воин“.
Во Буџинкан се изучуваат девет традиционални јапонски борбени школи (рју-ха). Некои од нив имаат самурајски корени, а некои низ текот на времето биле преземени и усовршувани од страна на легендарните нинџа воини.
Низ генерациите, пренесувани од колено на колено, од татко на син, од учител на ученик, во 1972 година сите девет школи ги наследил Масааки Хатсуми, благодарение на својот учител Такаматсу.
Деветте вештини, познати како Такаматсу-ден (наследството на Такаматсу), си имаат своја историја и традиција. Секоја од нив има посебни карактеристики, техники и тактики, како и специфични оружја.
Во почетокот, до 1996 година, школите се вежбале одделно, но потоа соке Масааки Хатсуми почнува да ги предава под едно заедничко име – Будо Таиџутсу. Оттогаш, па наваму, повеќе внимание се посветува на таканареченото „чуство“ при изведбата на техниките односно на прилагодувањето на катата во моментот на самиот напад (хенка). Денес, новиот хибриден систем е прифатен од поголемиот дел од членовите на Буџинкан Доџо. Меѓутоа, еден мал дел од ограноците на организацијата, меѓу кои и Буџинкан Македонија, се уште се држи до „стариот начин“ на изучување на вештините одделно и со сите нивни карактеристики.
Сенсеи Масааки Хатсуми е наследник на деветте школи:
– Тогакуре рју Нинџутсу / 戸隠流忍術 34 Соке
– Гјокко рју Кошиџутсу / 玉虎流骨指術 28 Соке
– Кото рју Копоџутсу / 虎倒流骨法術 18 Соке
– Кукишинден рју Хаппо Бикенџутсу / 九鬼神伝流八法秘剣術 28 Соке
– Шинденфудо рју Дакентаиџутсу / 神伝不動流打拳体術 26 Соке
– Такагијошин рју Џутаиџутсу / 高木揚心流柔体術 17 Соке
– Гикан рју Копоџутсу / 義鑑流骨法術 15 Соке
– Гјокушин рју Нинџутсу / 玉心流忍術 21 Соке
– Кумогакуре рју Нинџутсу / 雲隠流忍術 14 Соке