Букиџутсу

Posted on Categories Корју

Во традиционалните јапонски борбени вештини или рју-ха ( – школа, стил, течение, на одредена група, дружина, фракција), се сретнуваме со разни класични оружја, кои од денешен аспект изгледаат сосема неконвенционално. Во минатото, нивниот дизајн и изработка, претставувале ремек-дело на врвните јапонски мајстори, а ракувањето со нив било доведено до совршенство. Иако нивната ефиканост во времето во кое живееме, неоправдано се става под знак прашалник, сепак во нашата организација задолжително се изучува начинот на употреба на оружјето кое се користело во времето на самураите и нинџите. На тој начин, ја продолжуваме традицијата на претходните генерации кои ги основале и пренесувале борбените стилови.

При совладувањето на вештините со класични оружја (букиџутсу), ученикот не само што ги подобрува своите психофизички способности, туку и учи како во случај на самоодбрана, да ги искористи сите предмети што се наоѓаат во неговата околина.

Тренингот со оружје започнува откако ученикот добро ќе ја совлада основата на голораката борба (таиџутсу) и откако учителот ќе биде сигурен во неговата морална одговорност. За време на вежбањето, за да се избегнат некои посериозни повреди, се користат дрвени реквизити односно гумирани реплики.

Поради недостаток на простор, тука ќе споменеме само некои од вештините со оружје кои што се изучуваат во нашата Организација:

Кенџутсу – од секој сериозен ученик се очекува да ги научи основите на борба со меч. На тој начин се зајакнува основата на голораката борба и се вежба примената на принципите научени претходно. Катаната е душата на самурајот, а за нинџата претставува продолжена рака преку која полесно се совладува растојанието од кое зависи победата односно поразот. 

Боџутсу – вештина на борба со стап. Рокушаку бо (180 см), џо (128 см) и ханбо (90 см) се стапови со различна големина преку кои се изучуваат основите на буџутсу. Тренингот со нив, дава одлична основа за понатамошното напредување и го отвора патот кон совладувањето на јари и нагината.

Соџутсу – борбата со копје (јари) во минатото била една од најважните вештини кои се користеле на бојното поле. Ова оружје го држи противникот на безбедна дистанца, а врвот во секое време може да заврши во една од многубројните ранливи точки на телото.

Нагинатаџутсу
– едно од најкомплексните оружја во јапонската борбена традиција. Служи за сечење, удирање и блокирање на нападот.

Кусаригамаџутсу – користењето кама на која што е прицвстен ланец со тег на крајот била специјалност на воините од Ига. Големиот мечувалец Мијамото Мусаши честопати раскажувал за борбата која што ја имал со „човекот од Ига“ вооружен со ова опасно оружје.

Џуттеџутсу – самураите кои се грижеле за редот и мирот за време на Едо периодот, го усовршиле користењето на јапонската палка наречена џутте (десет раце).

Какушибукиџутсу – проектилни оружја (шурикени), метални канџи (шуко), ланци со различни големини (кусари), мали бодежи и сечива и се што може лесно да се сокрие под облеката на воинот, се дел од вештината Какушибукиџутсу (вештина на скриените оружја).