Подвизи

Posted on Categories Семинари

Преживување во Природа®

Шидоши Игор Довезенски често изјавувал дека боречки вештини
може да вежба секој и секаде. Тој велел дека сигурноста што ја овозможува атмосферата во доџо-то воопшто не дозволува некому да се нарече воин. И најважно од се, Довезенски отсекогаш тврдел дека нинџутсу може да се вежба само преку близок контакт со природата и со тестирање на издржливоста.

Во 2007 година, Игор Довезенски за прв пат организираше семинар со наслов „Преживување во Природа“ на кој членовите на Буџинкан Македонија требаше да ги тестираат крајните граници на својата волја и издржливост. Како што годините изминуваа, така секоја година стандардите и предизвиците беа поголеми, но тоа доведе настанот да добие речиси култен статус меѓу членовите на доџо-то. На последните два-три семинари, само мала група остана доследна и бестрашно влегуваше во оваа опасна авантура. Поради тоа, шидоши Довезенски одлучи во 2013 година, седум години по првиот семинар, да го организира последното „Преживување во Природа“.

За да се разбере за каков настан станува збор, доволно е да се прочита најавата за семинарите која со години се објавуваше три недели пред одржувањето:

За храбрите, за достоинствените.

Два пеколни дена, далеку од цивилизација, без храна и само литар ипол вода, без дополнителна облека и хигиенски средства. Два дена вежбање, медитација и голо преживување.

Место: С’мкнено (26 км. до најблискиот град и болница / пустински услови)

Време: последниот викенд на јули Пријавување најдоцна до 18 јули, со цел да се избегне калкулирање со временските услови.

Почеток: 07:00 часот (сабота)

Враќање: 16.00 часот (доколку преживеете, во спротивно Вашата опрема ќе ја распределиме меѓу нас)

Прочитај убаво и размисли!!!

Maкедонија е позната по пеколните летни температури предизвикани од таканаречените „африкански бранови“. Најтопло е во последните денови од јули, кога температурата се искачува и над 45 целзиусови, а индексот на сончевото зрачење е на максималното ниво.

Пред семинарот, секој учесник во сопствена организација треба да си направи соодветни лекарски прегледи и да добие усмена или писмена потврда од лекар дека е психофизички здрав и целосно подготвен за дводневен екстремен напор (под врелото летно сонце), без храна и вода, а проследен со тежок тренинг и тричасовен сон.

Секој учесник доброволно се пријавува на семинарот и сноси сопствена одговорност за евентуалните последици настанати по неговото здравје или живот!

Дозволена опрема: вреќа за спиење, шаторско крило, војничка униформа (панталони и кошула), една маица, капа, еден пар гаќи (широки), еден пар чорапи, јаже, нож и шише од литро ипол (празно).

Важно: забрането носење храна, вода и останати работи кои не се наведени погоре. Пред поаѓање, ќе има задолжителна проверка.

Најважно: семинарот е предвиден само за цврсти момци и девојки. Условите за тренинг ќе бидат исклучително тешки, а дисциплината ќе биде железна. Тие кои не се чуствуваат психофизички спремни за да „влезат во пеколот“ и кои не се подготвени да го убијат сопственото его, ги молиме да не се пријавуваат на семинарот. Имајте во предвид дека температурата на воздухот може да се искачи над 45 целзиусови. Забрането седнување на задник за време на семинарот (во текот на двата дена) и потпирање на сите четири екстремитети истовремено. Само три часа спиење, останатото време тренинг.

Забрането жалење, изговори и плачење за време на семинарот.

Појаснување: Дозволена количина на вода за пиење за двата дена: 1.5 литри.

Неколкупати досега сме слушнале дека „чим е дозволено литар ипол вода и не е толку страшно“. Должни сме да Ви појасниме дека таа количина на вода, под врелото сонце, се губи во првите неколку часови од тренингот. Течностите од Вашето тело испаруваат преку потење, дишење и зборување. Вие во текот на двата дена постојано имате активности кои предизвукуваат потење, а при тоа не смеете да седнете ниту за миг и да се одморите. Нема сенки, нема дополнителни количини вода. Размислете добро!!!

Се гледаме наскоро во „дупката“. 

___________________________________________

Патот на Шугенџа®

И овој подвиг Игор Довезенски го востанови во 2007 година, со цел воините на Буџинкан Македонија да ја тестираат својата волја и издржливост. Ова духовно патување, како што уште беше наречено од страна на основачот, традиционално се одржуваше во последната недела на месецот септември. После седум години од првиот марш, шидоши Довезенски одлучи дека е време и овој настан да замине во „историјата“ и да се придружи на останатите подвизи по кои Буџинкан Македонија е позната.

За што поточно станува збор, ќе можете да видите од најавата што се објавуваше три недели пред одржувањето:

Воините од доџо-то за традиционални јапонски боречки вештини Буџинкан Македонија и оваа година ќе појдат на духовното патување наречено „Патот на Шугенџа“.

Дваесетина ден пред одржувањето на настанот, инструкторот Довезенски постела географска карта на Македонија на земја, а потоа со заврзани очи посочува кон одредено место. Потоа со линијар се повлекува правец од почетната до крајната точка. Подоцна учесниците на семинарот се движат по таа патека, без разлика на условите на теренот. Во просек, патот кој што се изодува изнесува околу 60 километри, а рекордот беше поставен во 2009 година, кога членовите на Буџинкан Македонија изодеа 80 километри за 15 часа и 40 минути.

Шугендо е древен јапонски метод кој ги истражува релациите помеѓу човекот и природата. Шугендо значи „Пат преку вежбање и тестирање“, односно тоа е аскетска дисциплина која има за цел да постигне самоусовршување преку повлекување во планина, медитација под водопади и ладни реки, вежби за дишење на недостапни терени, се до достигнување на неверојатни подвизи преку тестирање на телесната и менталната издржливост. Тие кои го практикуваат овој метод, познати се под името Шугенџа, а учењето се практикува во Јапонија се до денешни дни.

За основач на учењето се смета Ен но Гјоџа, кој живеел во близина на Кјото во 7 век од нашата ера. Другото име, по кое овие следбеници биле познати е Јамабуши или Планински Воини. Тие крстосувале по планините посетувајќи и заштитувајќи ги многубројните храмови. Некои учени веруваат дека токму овие луѓе, здружени со пребегнатите кинески генерали по падот на династијата Танг, се сметаат за основоположници на вештината Нинџутсу.

Тема: Патот на Шугенџа / Духовно патување

Ден: последната недела на септември

Место: Липац – Кокино (за 2009-та, инаку секоја година различна патека)

Програма:
07.00 часот – поаѓање од Скопје
08.00 часот – пристигнување и почеток на маршот
Враќање назад – само Господ знае!

Опрема: Земете се што сакате. Се е на Ваша одговорност и совест.

п.с. Не е исклучена средба со диви животни, дожд, невреме и останати непредвидени работи. Секој доаѓа на сопствен ризик. Пред да се пријавите, проверете ги информациите на нашата веб-страница од минатите години.