Букиџутсу

Posted on Categories Корју

Во традиционалните јапонски борбени вештини или рју-ха ( – школа, стил, течение, на одредена група, дружина, фракција), се сретнуваме со разни класични оружја, кои од денешен аспект изгледаат сосема неконвенционално. Во минатото, нивниот дизајн и изработка, претставувале ремек-дело на врвните јапонски мајстори, а ракувањето со нив било доведено до совршенство. Иако нивната ефиканост во времето во кое живееме, неоправдано се става под знак прашалник, сепак во нашата организација задолжително се изучува начинот на употреба на оружјето кое се користело во времето на самураите и нинџите. На тој начин, ја продолжуваме традицијата на претходните генерации кои ги основале и пренесувале борбените стилови.

При совладувањето на вештините со класични оружја (букиџутсу), ученикот не само што ги подобрува своите психофизички способности, туку и учи како во случај на самоодбрана, да ги искористи сите предмети што се наоѓаат во неговата околина.

Тренингот со оружје започнува откако ученикот добро ќе ја совлада основата на голораката борба (таиџутсу) и откако учителот ќе биде сигурен во неговата морална одговорност. За време на вежбањето, за да се избегнат некои посериозни повреди, се користат дрвени реквизити односно гумирани реплики.

Поради недостаток на простор, тука ќе споменеме само некои од вештините со оружје кои што се изучуваат во нашата Организација:

Кенџутсу – од секој сериозен ученик се очекува да ги научи основите на борба со меч. На тој начин се зајакнува основата на голораката борба и се вежба примената на принципите научени претходно. Катаната е душата на самурајот, а за нинџата претставува продолжена рака преку која полесно се совладува растојанието од кое зависи победата односно поразот. 

Боџутсу – вештина на борба со стап. Рокушаку бо (180 см), џо (128 см) и ханбо (90 см) се стапови со различна големина преку кои се изучуваат основите на буџутсу. Тренингот со нив, дава одлична основа за понатамошното напредување и го отвора патот кон совладувањето на јари и нагината.

Соџутсу – борбата со копје (јари) во минатото била една од најважните вештини кои се користеле на бојното поле. Ова оружје го држи противникот на безбедна дистанца, а врвот во секое време може да заврши во една од многубројните ранливи точки на телото.

Нагинатаџутсу
– едно од најкомплексните оружја во јапонската борбена традиција. Служи за сечење, удирање и блокирање на нападот.

Кусаригамаџутсу – користењето кама на која што е прицвстен ланец со тег на крајот била специјалност на воините од Ига. Големиот мечувалец Мијамото Мусаши честопати раскажувал за борбата која што ја имал со „човекот од Ига“ вооружен со ова опасно оружје.

Џуттеџутсу – самураите кои се грижеле за редот и мирот за време на Едо периодот, го усовршиле користењето на јапонската палка наречена џутте (десет раце).

Какушибукиџутсу – проектилни оружја (шурикени), метални канџи (шуко), ланци со различни големини (кусари), мали бодежи и сечива и се што може лесно да се сокрие под облеката на воинот, се дел од вештината Какушибукиџутсу (вештина на скриените оружја).

Буџутсу

Posted on Categories Корју

Буџутсу е генерички термин кој се користи во традиционалните јапонски борбени вештини. Се состои од два канџи: Бу 武 – војна и Џутсу 術 – уметност, вештина, занает.
Иако во слободен превод буџутсу значи „вештина на војување“, сепак овој термин има многу подлабоко значење. Ако подетално се толкува идеограмот Бу, кој означува „да се запре копјето“, може да се забележи дека буџутсу е „вештина на запирање на војната“, што укажува на одбрамбениот карактер на борбените вештини.

Денес, терминот буџутсу најчесто се користи за да се посочи на периодот на граѓанските војни во Јапонија (сенгоку џидаи), кога практичната примена на борбената вештина и стратегија биле од клучно значење за преживувањето на битката.

Спротивно на тоа, терминот будо (Бу – боречки и До – начин, пат) се користи за да се посочи на филозофскиот аспект на вештината. Оттука доаѓа терминот гендаи будо (модерни боречки вештини) со кој се дистанцираат вештините (корју буџутсу) создадени пред периодот Меиџи (1868), кога во Јапонија се забрануваат сите форми на борба кои биле користени од страна на воинската класа. Забраната била воведена поради опасноста самураите повторно да ја преземат контролата врз земјата, а благодарение на своите воени способности.     

Друг термин што најчесто се користи во традиционалните јапонски борбени вештини е сого буџутсу. „Сого“ означува композитни односно комплетни борбени вештини. За разлика од модерните (карате, џудо, аикидо, кендо, кјудо) кои се концентрираат само на еден начин на борба или на едно оружје, во сого буџутсу се изучуваат различни вештини со и без оружје, кои имале за цел да обезбедат опстанок на бојното поле. Иако новите боречки вештини потекнуваат од класичните, сепак од нив биле „исчистени“ сите смртоносни и опасни техники кои служеле за брза победа во крвавите битки, а нивната појава повеќе била производ на милитаризацијата на Јапонија (крајот на 19 и почетокот на 20 век) и сеќавањето на славните самурајски предци.  

Корју

Posted on Categories Корју

Терминот Корју, заедно со термините Кобудо, Кобуџутсу и Бугеи, се користи во Јапонија се цел да се направи разлика меѓу класичните и модерните борбени вештини (гендаи будо).

Корју се состои од два идеограми (канџи): Ко – старо, древно и Рју – традиција, школа. Грубиот превод би бил „стара школа“ односно „древна традиција“.

Кобудо се состои од три канџи: 古武道 и слободниот превод би бил „стари боречки начини“.

Под кобуџутсу 古武術 се подразбираат „древните борбени науки односно занаети“

Бугеи 武芸 се преведува како „боречки вештини“.

Во секој случај, сите термини асоцираат на класичните јапонски борбени стилови кои се користеле пред модернизацијата на Јапонија (пред 1868), кога всушност самурајската класа била забранета и отстранета како остаток од феудалниот период.

За време на феудалното владеење во Јапонија, борбените школи (рју-ха) биле развиени со цел да обезбедат опстанок односно подобра позиција на воините (буши) кои биле во служба во некои од кнежествата (хан) предводени од страна на даимјо-ата (владетелите на земја). Во почетокот, вештините најчесто биле отоме-рју (традиција која се наследува во домот), но подоцна тие неретко биле предавани и на останатите самураи во кнежеството, со цел да се осигура опстанок на целата заедница. Тајните техники на борбените школи биле запишувани на посебни свитоци (макимоно) и прирачници (деншо) и биле предавани на следната генерација наследници (соке).

Дури со настапувањето на меиџи периодот (1868), кога многу од наследниците на школите останале без работа поради отфрлувањето на самурајската класа, вештините почнале јавно да се предаваат како еден од начините да се преживее во новите услови. Токму поради тоа, многу рју-ха опстанале низ времето, па така денес имаме можност да ги изучуваме и да го почуствуваме духот на самураите од времето на феудална Јапонија.