Доџо-то за класични јапонски боречки вештини „Даито рју Македонија – Корју Доџо“ е основано во март, 2010 година, заради проучување на две традиционални корју школи: Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда-ден).
Првичната намера на Игор Довезенски била, преку тренинг на други класични јапонски вештини, подобро да може да ги разбере школите во Буџинкан. Преку учество на семинари и контакти со мајстори кои имале допир со Даито рју Аикиџуџутсу, тој конечно се запознава со учителот Антонино Черта, единствениот нејапонски шихан за оваа стара самурајска вештина. Фасциниран од неговото познавање на школата, научена директно во Хомбу Доџо-то (Даитокан) во Абашири (Јапонија), Довезенски уште повеќе се заљубува во Даито рју Аикиџуџутсу и веднаш бива прифатен за личен ученик на сенсеи Черта.
По враќањето од инструкторската обука во Италија, Игор Довезенски најпрвин отвора секција, која со текот на времето прераснува во доџо. Во 2013 година, тој успешно положува за мајсторско звање (шодан) и се стекнува со титулата шидоин (инструктор) и шибу чо (водач на огранок) односно претставник на Даито Каи за Македонија. Малку подоцна, со одлука на шиханот Черта, Довезенски добива задача да го организира тренингот и да биде одговорен за работата на сите Даито рју доџо-а кои во иднина ќе почнат со работа на територијата на Балканскиот Полуостров.
Засега, Даито рју Македонија е единственото доџо за Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден) во цела Југоисточна Европа. Како рамноправни членови на Интернационалната Даито Организација (Daito Kai International), редовно остваруваме контакти и организираме семинари и интензивни тренинзи со шиханот Антонино Черта.
Во Интернационалната Даито Организација, Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда-ден) се вежбаат на ист начин како што се вежбале во Даитокан.
Во минатото, школите биле задолжителни во обуката за сите самураи од кланот Аизу и семејството Такеда. Триесет и шестиот наследник (соке), Токимуне Такеда, оставил завештание двете рју-ха да се изучуваат засебно под името Даито рју Аикибудо.
Даито рју е комплетна борбена вештина. Освен голораката борба, учениците ја изучуваат и борбата со јапонските класични оружја: катана, кодачи, јари, бо, тессен, џутте, шурикен, итн.
Информации за Даито рју Македонија