Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу се смета за најстара документирана јапонска борбена вештина со непрекината историја на наследници. Од страна на Јапонската влада, таа е прогласена за национално богатство. Многу јапонски рју-ха директно потекнуваат или се развиени под влијание на Катори Шинто рју.
Во својот курикулум, оваа древна вештина содржи техники како што се: иаи џутсу (брзо извлекување и сечење со меч), кен џутсу (мечување), бо џутсу (борба со стап), нагината џутсу (борба со хелебарда), џу џутсу (голорака борба), шурикен џутсу (гаѓање со сечива), нинџутсу (шпионирање), со џутсу (борба со копје), сен џутсу (тактика), чикуџо џутсу (стратегија на бојно поле) итн.
Дури и денес, Катори Шинто рју се раководи според старите правила и обичаи кои прецизно биле востановени пред шестотина години од основачот на вештината Иизаса Чоисаи Иенао. Еден од тие обреди е потпишувањето на документ за лојалност со сопствената крв (со засекување на прстот со нож). На тој начин се зачувува оригиналноста на техниките и стриктно се следат препораките на првиот соке (основач, поглавар).
Во моментов, Иизаса Јасусада е дваесеттиот соке на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, но поради здраствени причини, главен инструктор за вештината е шиханот Рисуке Отаке.
Денес оваа почитувана школа има ограноци во неколку земји, со претставници (шидоша) поставени директно од страна на Хомбу Доџо-то во Нарита-ши, Јапонија.
Македонија е единствена земја во регионот во која што може да се вежба Теншин Шоден Катори Шинто рју, благодарение на пожртвуваноста и на огромната љубов на Игор Довезенски кон јапонските боречки вештини.