Буџутсу е генерички термин кој се користи во традиционалните јапонски борбени вештини. Се состои од два канџи: Бу 武 – војна и Џутсу 術 – уметност, вештина, занает.
Иако во слободен превод буџутсу значи „вештина на војување“, сепак овој термин има многу подлабоко значење. Ако подетално се толкува идеограмот Бу, кој означува „да се запре копјето“, може да се забележи дека буџутсу е „вештина на запирање на војната“, што укажува на одбрамбениот карактер на борбените вештини.
Денес, терминот буџутсу најчесто се користи за да се посочи на периодот на граѓанските војни во Јапонија (сенгоку џидаи), кога практичната примена на борбената вештина и стратегија биле од клучно значење за преживувањето на битката.
Спротивно на тоа, терминот будо (Бу – боречки и До – начин, пат) се користи за да се посочи на филозофскиот аспект на вештината. Оттука доаѓа терминот гендаи будо (модерни боречки вештини) со кој се дистанцираат вештините (корју буџутсу) создадени пред периодот Меиџи (1868), кога во Јапонија се забрануваат сите форми на борба кои биле користени од страна на воинската класа. Забраната била воведена поради опасноста самураите повторно да ја преземат контролата врз земјата, а благодарение на своите воени способности.
Друг термин што најчесто се користи во традиционалните јапонски борбени вештини е сого буџутсу. „Сого“ означува композитни односно комплетни борбени вештини. За разлика од модерните (карате, џудо, аикидо, кендо, кјудо) кои се концентрираат само на еден начин на борба или на едно оружје, во сого буџутсу се изучуваат различни вештини со и без оружје, кои имале за цел да обезбедат опстанок на бојното поле. Иако новите боречки вештини потекнуваат од класичните, сепак од нив биле „исчистени“ сите смртоносни и опасни техники кои служеле за брза победа во крвавите битки, а нивната појава повеќе била производ на милитаризацијата на Јапонија (крајот на 19 и почетокот на 20 век) и сеќавањето на славните самурајски предци.