Игор Довезенски е роден 1974 година во Скопје. На седумгодишна возраст, почнува да се занимава со карате, а подоцна и со други боречки вештини кои ги вежба се до својата четиринаесетта година. Во 1986-та, од својот татко на подарок добива видео рекордер и една вхс касета со филмот „Нинџа Осветник / Revenge of the Ninja“. Истата вечер неговиот живот е веќе предодреден. Тоа што ќе започне како детска игра и фантазија, засекогаш ќе му го трасира Патот.
На 14-годишна возраст (1988), Довезенски дознава за организацијата Буџинкан и за нејзиниот водач Масааки Хатсуми и почнува да ги остварува првите контакти со тогашните европски мајстори за нинџутсу. Истовремено ги прекинува тренинзите за карате и одлучува целосно да се посвети на класичните јапонски боречки вештини.
На почетокот на 1994-та, Довезенски е регрутиран во Воената Полиција на Армијата на Република Македонија, а по завршувањето на обуката е селектиран во најелитната единица во тоа време, таканаречениот ПТ Вод (Против-терористички Вод).
Во 1995 година, Игор Довезенски ја основа Организацијата за изучување традиционални јапонски борбени вештини Пат кон Сонцето, а истата година (2 јули) го отвара првото нинџутсу доџо во Македонија. Во тоа време, тој е еден од најмладите инструктори за боречки вештини во својата земја. Со текот на времето, неговиот интерес за класичните школи се повеќе расте, а љубовта кон боречките вештини го тера се почесто да патува и да учествува на многубројни семинари низ Европа. Од 1995 година, па до денес, Довезенски има учествувано во над 200 семинари, интензивни курсеви и работилници за традиционални и модерни боречки вештини. Како инструктор, тој има одржано предавано на над петстоттини семинари, интензивни курсеви и работилници, меѓу кои најпознати се неговите семинари во природа кои станаа заштитен знак за неговото доџо. Тој е познат и по неколкуте подвизи, како што се „Преживување во природа“ и „Патот на Шугенџа“, преку кои ја тестирал својата издржливост и својата волја.
Во 2005 година, Игор Довезенски почнува да ги остварува првите контакти со неколкумина инструктори за Даито рју Аикиџуџутсу,
но вистинскиот учител го сретнува во 2010 година, кога заминува во Италија во доџо-то на единствениот кој не е Јапонец, шихан за оваа вештина Антонино Черта. По враќањето од инструкторската обука во Италија, Игор Довезенски најпрвин отвора секција, која со текот на времето прераснува во доџо. Во 2013 година, тој успешно положува за мајсторско звање (шодан) и се стекнува со титулата шидоин (инструктор) и шибу чо (водач на огранок) односно претставник на Даито Каи за Македонија. Две години подоцна односно во април, 2015 година, Довезенски успешно положува за нидан (II дан), а во октомври, 2018 година, за сандан (III дан). Инаку за тие кои не знаат, највисокиот степен што може да се добие во Даито рју Аикиџуџутсу е годан (V дан).
За време на учеството на БуЈу Каи во Германија (2011 година), пред повеќе од дваесет шихани од целиот свет, Довезенски успешно го положува таканаречениот „сакки“ тест односно тестот на „убиствената намера“. Со тоа, тој станува првиот Македонец со степен годан (5 дан) и првиот носител на титулата „шидоши“ за вештините на Буџинкан во нашата земја.
За жал, истата година (ноември), при пад од карпа за време на слободно качување, шидоши Довезенски доживува повреда на рбетот и на карлицата, при што докторите даваат загрижувачки прогнози за неговата иднина односно за можноста за продолжување со тренинзите. Одлучен никогаш да не се откаже од боречките вештини, Довезенски не ги слуша нивните совети за целосно стопирање на физичките активности и почнува подетално да ја истражува работата и функционирањето на човечкиот организам. Со помош на традиционални јапонски техники за растегнување и зајакнување на телото, тој успева да ги совлада болките кои што го следат за време на вежбањето, како и да ја поврати својата подвижност и успешно да продолжи со секојдневните тренинзи.
Неуморниот дух и љубовта кон традиционалните јапонски борбени вештини го водат кон најстарата документирана корју школа „Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу“. На почетокот на 2013 година, Игор Довезенски заминува во Холандија и станува ученик на шидоша Ерик Лоув, а неколку месеци подоцна дава крвна заклетва (кеппан) пред шиханот на вештината, Нобутоши Отаке.
Во септември, истата година, со дозвола и под менторство на шидоша Лоув, почнува со работа „Катори Шинто рју Македонија“ односно третото доџо во Пат кон Сонцето.
Во 2014 година, Игор Довезенски заминува во Јапонија каде што вежба директно со наследниците на боречките вештини чиј претставник е во Македонија. Истовремено, тој посетува и други традиционални доџо-а каде што вежба со други учители за класични јапонски боречки вештини, се со цел подобро да ја разбере нивната историја и нивните принципи. За време на еден од тренинзите во Хомбу Доџо-то на Буџинкан, како признание за квалитетната и долгогодишната посветеност кон својата работа, водачот на „Пат кон Сонцето“ добива хачидан (8 дан) директно од соке Масааки Хатсуми. Во април, 2018 година, Довезенски повторно заминува на уште едно тринеделно усовршување во Јапонија, при што секојдневно вежба по осум саати со најголемите авторитети во организациите каде што членува и чии вештини ги претставува во Македонија. Посетувајќи по неколку тренинг-сесии дневно, тој неуморно учи од последниот жив нинџа – соке Масааки Хатсуми, како и од неговите најдобри шихани: Тетсуџи Ишизука, Тоширо Нагато, Јукио Ногучи, Исаму Шираиши, КенИчи Сомеја и други. На еден од тренинзите, шиханот Јукио Ногучи на водачот на Буџинкан Македонија му доделува 10 дан (џудан), со што единственото признаено македонско доџо денес има учител со највисок ранг. Истовремено, соке Масааки Хатсуми на Довезенски му дава Буго односно боречко име – Грмогласниот Тигар. При тоа, му подарува Какеџику (висечки свиток) на кој своерачно испишува: „Ехото на грмогласниот тигар одекнува низ планините“. За време на патешествието во Јапонија, Игор Довезенски редовно вежба и Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу со шиханот Кјосо Шигетоши, кој до најситни детали му ги објаснува движењата во катите во оваа најстара Кобудо школа. Најголемото изненадување за Довезенски е приемот кај Јасусада Иизаса, 20-тиот Соке на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу. За да изненадувањето биде поголемо, тој е поканет во Хомбу Доџо-то на оваа школа, при што Довезенски има можност да разговара и да поставува прашања на Соке. Ако се знае, дека на прсти се бројат не-јапонците кои пиеле чај и разговарале со г-динот Јасусада Иизаса во неговото Хомбу Доџо, може да се замисли колкава чест му била укажана на инструкторот од Македонија.
Игор Довезенски е првиот Македонец од Република Македонија што вежбал во доџо-то на д-р Хатсуми, како и во доџо-ата на неговите најстари ученици кои денес се почитувани шихани во организацијата Буџинкан. Тој е првиот Македонец што учел директно од легендарниот наследник на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу – шиханот Рисуке Отаке, во неговото Шимбукан Доџо. Исто така, Довезенски е единствениот Македонец што вежбал Даито рју Аикиџуџутсу во Јапонија, како и други класични боречки вештини кои потекнуваат од Земјата на изгрејсонцето.
На 14 септември, 2015 година, на седницата на Стручниот совет на Институтот за етнологија и антропологија, членовите на колегиумот едногласно го одобруваат предлог-проектот на Игор Довезенски за отворање на „Лабораторија за Источни Култури“ во состав на Институцијата, со што за прв пат во Македонија класичните јапонски боречки вештини се издигнуваат на академско ниво. Со тоа, студентите кои студираат на ИЕА, во рамките на предметите „Етнологија на Азија“ и „Етнологија на Јапонија“ задолжително посетуваат настава при што за време на вежбите ја изучуваат теоријата, но и техниките на вештините кои што се предават во Организацијата „Пат кон Сонцето“.
Шидоши Игор Довезенски никогаш немал намера за експанзија или лична слава. Тој никогаш не вежбал со цел да „собира“ дипломи или титули. Обидите на некои негови „колеги“ да се претстават како големи мајстори или основачи на сопствени стилови, нему отсекогаш му се чинеле смешни. Во текот на неговата досегашна „кариера“ како боречки уметник, секогаш бил воден од огромната љубов кон јапонските традиционални борбени школи. Неговото жртвување на тоа поле е огромно и токму поради тоа, тој е многу почитуван од страна на своите ученици. Игор Довезенски никогаш не соработувал и никогаш не членувал во анонимни организации каде што титулите и звањата се добиваат со уплаќање на парични средства, туку напротив, тој соработува и членува во најреспектираните светски организации предводени од докажани мајстори и корју наследници.
Иако својот живот го посветил на традиционалните борбени системи, Довезенски има голема почит и кон тренингот и дисциплината на борците во мешаните боречки вештини (ММА) и неколкупати досега им помагал одржувајќи им часови за одредени специфични теми во своето доџо.
Игор Довезенски по професија е етнолог и моментално работи на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Заљубен е во својата татковина и се труди на сите околу себе да им ја пренесе љубовта кон ова мало парче земја, која од памтивека се вика Македонија. Тој е татко на три дечиња кои веќе чекорат по неговите стапки. Слободното време го минува со семејството на неговиот селски имот далеку од градската врева, каде се труди да воспостави колку што може поголема хармонија со природата.
Истовремено, Игор Довезенски е сертифициран физиотерапевт-масер, како и основач на системот Шиноби Таисо®, кој има за цел да им помогне на лицата со потешкотии и болки при движењето односно да им се зголеми мобилноста на телото.
Водачот на „Пат кон Сонцето“ заедно со своите ученици редовно организира и учествува во хуманитарни акции или настани, при што ги демонстрира вештините кои ги предава во своето доџо. Во февруари, 2018-та година, одржува демонстрација на Буџутсу, Аикиџуџутсу и Нинџутсу пред јапонскиот конзул во Македонија, неговата екселенција Тојоказу Кубота.