Џиссен (実戦) е борба. Хеихо (兵法) е стратегија.
Џиссен Хеихо е систем развиен од страна на шидоши Игор Довезенски, со цел максимално да се искористи борбената стратегија на традиционалните јапонски борбени вештини и полесно да се прилагоди на денешниот начин на борба.
Џиссен Хеихо не е вештина!!!
Шидоши Довезенски никогаш немал, ниту ќе има желба да создава вештини, или, пак, да се прогласува за нивни основач. Тој никогаш не се сомневал во практичноста на корју.
Напротив, тој верува дека традиционалните борбени вештини се најдобриот начин за лична, но и за заштита на своите најблиски.
Зошто тогаш потреба од Џиссен Хеихо?
„Џиссен Хеихо е систем на самоодбрана, во кој се инкорпорирани најпрактичните техники од сите традиционални борбени вештини кои досега сум ги проучувал и вежбал. Јас не сум измислил ништо ново, а и немам потреба за такво нешто. Според мене, корју нуди се што е потребно за една индивидуа ефикасно да се одбрани. Јас само сакав да го соберам сето мое искуство на едно место и да го прилагодам на новото време. Денес, пред органите на правосудството е многу тешко да докажеш што е самоодбрана. Начинот на борба се менува односно се употребуваат крајно валкани трикови. Борбата се менува под влијание на модерните мешани борачки вештини (ММА). Во такви услови редно е да се развие систем кој се потпира на корју техники и кој ќе овозможи одбрана подготвена во најкракот можен рок. Сите знаеме дека во минатото, тренингот започнувал во детството и траел до крајот на животот. Џиссен Хеихо дава можност на сите кои почнале подоцна да вежбаат корју. На сите кои не се во можност да посветат по неколку часа тренинг дневно. Повторувам, базата на Џиссен Хеихо не е ништо друго освен најдоброто од корју. Џиссен Хеихо се роди од корју. Џиссен Хеихо е корју. Без вежбање корју не е можно да се вежба Џиссен Хеихо.“
За време на тренингот, се користи заштитна опрема со цел да се намалат повредите.
Тренингот е поделен на:
-Шиноби Таисо® (кондиционирање на телото, класични и модерни методи)
-Дакентиџутсу (положби, удари и блокови)
-Џутаиџутсу (зафати, фрлање, давење, контрола)
-Нинпо Не Ваза® (борба на земја)
Се вежба и контролирана слободна борба (рандори)
и атеми но танрен (кондиционирање на ударните површини).
Тренингот изгледа како комбинација од стариот „олд скул“ начин на вежбање во Буџинкан, но со примена на нови методи и техники.
Потсетување !!!
Шидоши Игор Довезенски воопшто не застранува и не „бега“ од таканаречените Такаматсу-ден традиции, од школите кои се изучуваат во Буџинкан, ниту од учењето на соке Масааки
Хатсуми. Како и секогаш, основата на неговиот тренинг се состои од знаењето стекнато преку Буџинкан. Сите кои што вежбале во неговото доџо знаат со каква љубов се вежбаат класичните борбени вештини и дека ретко кој толку многу внимава на детаљите на школите.
Џиссен Хеихо е само начин на вежбање како практично да се примени наученото. Всушност, како што шидоши Игор Довезенски сака да порача на душегрижниците: „ова е само еден од интерните начини како да се ’размлатиме’ чесно меѓу нас и да си ги испотиме задниците. Џиссен Хеихо е стратегија, не е вештина. Корју-то е секогаш наш императив“!!!