Организација

Posted on Categories За Нас

Пат кон Сонцето е некомерцијална организација која е посветена на изучувањето на традиционалните јапонски борбени вештини. Таа е основана во 1995 година, од страна на Игор Довезенски,
единствениот Македонец носител на неколку титули во неколку
различни класични борбени школи (рју-ха). Од основањето, па до
денес, организацијата работи без прекини и секојдневно одржува тренинзи за своите членови.

Истата година (02 јули, 1995), во рамките на организацијата почнува со работа првото нинџутсу доџо* во земјата – „Буџинкан Македонија“. Засега, тоа е единственото признаено доџо во нашата држава, од страна на поглаварот на Буџинкан, соке Масааки Хатсуми. „Буџинкан Македонија“ се уште важи за еден од најдинамичните клубови во Европа, со многубројно и активно членство, што само зборува за квалитетот на знаењето што се добива во доџо-то.

Во 2010 година, односно петнаесет години од отворањето на „Буџинкан Македонија“, во Пат кон Сонцето почнува со работа „Даито рју Македонија – Корју Доџо“. Во него се изучуваат две
јапонски боречки школи: Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда-ден). Доџо-то е рамноправен член на Интернационалната Даито Организација (Daito Kai International), под водство на единствениот нејапонски шихан за Даито рју Аикибудо, Антонино Черта.

На почетокот на 2013 година, инструкторот Довезенски станува ученик на шидоша Ерик Лоув, а неколку месеци подоцна дава крвна заклетва (кеппан) пред шиханот на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, Нобутоши Отаке. Во септември, истата година, со дозвола и под менторство на шидоша Лоув, почнува со работа „Катори Шинто рју Македонија“ односно третото доџо во Пат кон Сонцето.

Игор Довезенски е првиот и засега единствениот Македонец од Република Македонија што редовно патува во Јапонија со цел интензивно да ги проучува и вежба јапонските традиционални боречки вештини. За време на престојот, тој имал можност да учи директно од основачот на Буџинкан Доџо – Масааки Хатсуми, како и од легендарниот наследник на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу – шиханот Рисуке Отаке. Исто така, Довезенски е единствениот Македонец што вежбал Даито рју Аикиџуџутсу во Јапонија, како и други класични боречки вештини кои потекнуваат од Земјата на изгрејсонцето.

Без никаква намера за експанзија или лична слава, следен единствено од љубовта кон традиционалните јапонски боречки вештини, Игор Довезенски ја создава единствената организација во Македонија во која што може да се вежбаат најпознатите јапонски класични самурајски и нинџа стилови на борба.

Организацијата за изучување на традиционалните јапонски борбени вештини Пат кон Сонцето, досега организирала над тристотини домашни и околу триесетина меѓународни семинари
со учество на најпознатите светски мајстори за корју.

Покрај членувањето во неколкуте најреспектирани интерконтинентални организации, Пат кон Сонцето е отворена за соработка и размена на знаењето со сите ентузијасти кои имаат заеднички интерес од областа на јапонските класични вештини.

* доџо (道場) – место за усовршување на Патот

Буџинкан

Posted on Categories За Нас

Организацијата Буџинкан Доџо (Bujinkan Dojo) е основана во седумдесетите години на минатиот век, од страна на соке Масааки Хатсуми, а во чест на неговиот учител Тошитсугу Такаматсу. Станува збор за интернационална организација со седиште во градот Нода, во провинцијата Чиба, во Јапонија. Буџинкан Доџо во превод значи „Двор на божествениот воин“ односно „Место каде што вежба божествениот воин“.

Во Буџинкан се изучуваат девет традиционални јапонски борбени школи (рју-ха). Некои од нив имаат самурајски корени, а некои низ текот на времето биле преземени и усовршувани од страна на легендарните нинџа воини.

Низ генерациите, пренесувани од колено на колено, од татко на син, од учител на ученик, во 1972 година сите девет школи ги наследил Масааки Хатсуми, благодарение на својот учител Такаматсу.

Деветте вештини, познати како Такаматсу-ден (наследството на Такаматсу), си имаат своја историја и традиција. Секоја од нив има посебни карактеристики, техники и тактики, како и специфични оружја.

Во почетокот, до 1996 година, школите се вежбале одделно, но потоа соке Масааки Хатсуми почнува да ги предава под едно заедничко име – Будо Таиџутсу. Оттогаш, па наваму, повеќе внимание се посветува на таканареченото „чуство“ при изведбата на техниките односно на прилагодувањето на катата во моментот на самиот напад (хенка). Денес, новиот хибриден систем е прифатен од поголемиот дел од членовите на Буџинкан Доџо. Меѓутоа, еден мал дел од ограноците на организацијата, меѓу кои и Буџинкан Македонија, се уште се држи до „стариот начин“ на изучување на вештините одделно и со сите нивни карактеристики.

 

Сенсеи Масааки Хатсуми е наследник на деветте школи:

– Тогакуре рју Нинџутсу / 戸隠流忍術 34 Соке

– Гјокко рју Кошиџутсу / 玉虎流骨指術 28 Соке

– Кото рју Копоџутсу / 虎倒流骨法術 18 Соке

– Кукишинден рју Хаппо Бикенџутсу / 九鬼神伝流八法秘剣術 28 Соке

– Шинденфудо рју Дакентаиџутсу / 神伝不動流打拳体術 26 Соке

– Такагијошин рју Џутаиџутсу / 高木揚心流柔体術 17 Соке

– Гикан рју Копоџутсу / 義鑑流骨法術 15 Соке

– Гјокушин рју Нинџутсу / 玉心流忍術 21 Соке

– Кумогакуре рју Нинџутсу / 雲隠流忍術 14 Соке

Даито рју

Posted on Categories За Нас

Доџо-то за класични јапонски боречки вештини „Даито рју Македонија – Корју Доџо“ е основано во март, 2010 година, заради проучување на две традиционални корју школи: Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда-ден).

Антонино Черта Сенсеи

Првичната намера на Игор Довезенски била, преку тренинг на други класични јапонски вештини, подобро да може да ги разбере школите во Буџинкан. Преку учество на семинари и контакти со мајстори кои имале допир со Даито рју Аикиџуџутсу, тој конечно се запознава со учителот Антонино Черта, единствениот нејапонски шихан за оваа стара самурајска вештина. Фасциниран од неговото познавање на школата, научена директно во Хомбу Доџо-то (Даитокан) во Абашири (Јапонија), Довезенски уште повеќе се заљубува во Даито рју Аикиџуџутсу и веднаш бива прифатен за личен ученик на сенсеи Черта.

По враќањето од инструкторската обука во Италија, Игор Довезенски најпрвин отвора секција, која со текот на времето прераснува во доџо. Во 2013 година, тој успешно положува за мајсторско звање (шодан) и се стекнува со титулата шидоин (инструктор) и шибу чо (водач на огранок) односно претставник на Даито Каи за Македонија. Малку подоцна, со одлука на шиханот Черта, Довезенски добива задача да го организира тренингот и да биде одговорен за работата на сите Даито рју доџо-а кои во иднина ќе почнат со работа на територијата на Балканскиот Полуостров.

Токимуне Такеда Сенсеи

Засега,  Даито рју Македонија е единственото доџо за Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден) во цела Југоисточна Европа. Како рамноправни членови на Интернационалната Даито Организација (Daito Kai International), редовно остваруваме контакти и организираме семинари и интензивни тренинзи со шиханот Антонино Черта.

Во Интернационалната Даито Организација, Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда-ден) се вежбаат на ист начин како што се вежбале во Даитокан.

Сокаку Такеда Сенсеи

Во минатото, школите биле задолжителни во обуката за сите самураи од кланот Аизу и семејството Такеда. Триесет и шестиот наследник (соке), Токимуне Такеда, оставил завештание двете рју-ха да се изучуваат засебно под името Даито рју Аикибудо.

Даито рју е комплетна борбена вештина. Освен голораката борба, учениците ја изучуваат и борбата со јапонските класични оружја: катана, кодачи, јари, бо, тессен, џутте, шурикен, итн.

Информации за Даито рју Македонија

Катори Шинто рју

Posted on Categories За Нас
Иизаса Чоисаи Иенао – основачот на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу

Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу се смета за најстара документирана јапонска борбена вештина со непрекината историја на наследници. Од страна на Јапонската влада, таа е прогласена за национално богатство. Многу јапонски рју-ха директно потекнуваат или се развиени под влијание на Катори Шинто рју.

Во својот курикулум, оваа древна вештина содржи техники како што се: иаи џутсу (брзо извлекување и сечење со меч), кен џутсу (мечување), бо џутсу (борба со стап), нагината џутсу (борба со хелебарда), џу џутсу (голорака борба), шурикен џутсу (гаѓање со сечива), нинџутсу (шпионирање), со џутсу (борба со копје), сен џутсу (тактика), чикуџо џутсу (стратегија на бојно поле) итн.

Дури и денес, Катори Шинто рју се раководи според старите правила и обичаи кои прецизно биле востановени пред шестотина години од основачот на вештината Иизаса Чоисаи Иенао. Еден од тие обреди е потпишувањето на документ за лојалност со сопствената крв (со засекување на прстот со нож). На тој начин се зачувува оригиналноста на техниките и стриктно се следат препораките на првиот соке (основач, поглавар).

Игор Довезенски со шиханот Рисуке Отаке во доџото Шинбукан во Нарита – Јапонија

Во моментов, Иизаса Јасусада е дваесеттиот соке на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, но поради здраствени причини, главен инструктор за вештината е шиханот Рисуке Отаке.

Денес оваа почитувана школа има ограноци во неколку земји, со претставници (шидоша) поставени директно од страна на Хомбу Доџо-то во Нарита-ши, Јапонија.

Македонија е единствена земја во регионот во која што може да се вежба Теншин Шоден Катори Шинто рју, благодарение на пожртвуваноста и на огромната љубов на Игор Довезенски кон јапонските боречки вештини.

Инструктор

Posted on Categories За Нас

Игор Довезенски е роден 1974 година во Скопје. На седумгодишна возраст, почнува да се занимава со карате, а подоцна и со други боречки вештини кои ги вежба се до својата четиринаесетта година. Во 1986-та, од својот татко на подарок добива видео рекордер и една вхс касета со филмот „Нинџа Осветник / Revenge of the Ninja“. Истата вечер неговиот живот е веќе предодреден. Тоа што ќе започне како детска игра и фантазија, засекогаш ќе му го трасира Патот.

На 14-годишна возраст (1988), Довезенски дознава за организацијата Буџинкан и за нејзиниот водач Масааки Хатсуми и почнува да ги остварува првите контакти со тогашните европски мајстори за нинџутсу. Истовремено ги прекинува тренинзите за карате и одлучува целосно да се посвети на класичните јапонски боречки вештини.

На почетокот на 1994-та, Довезенски е регрутиран во Воената Полиција на Армијата на Република Македонија, а по завршувањето на обуката е селектиран во најелитната единица во тоа време, таканаречениот ПТ Вод (Против-терористички Вод).

Во 1995 година, Игор Довезенски ја основа Организацијата за изучување традиционални јапонски борбени вештини Пат кон Сонцето, а истата година (2 јули) го отвара првото нинџутсу доџо во Македонија. Во тоа време, тој е еден од најмладите инструктори за боречки вештини во својата земја. Со текот на времето, неговиот интерес за класичните школи се повеќе расте, а љубовта кон боречките вештини го тера се почесто да патува и да учествува на многубројни семинари низ Европа. Од 1995 година, па до денес, Довезенски има учествувано во над 200 семинари, интензивни курсеви и работилници за традиционални и модерни боречки вештини. Како инструктор, тој има предавано на над шестотини семинари, интензивни курсеви и работилници, меѓу кои најпознати се неговите семинари во природа кои станаа заштитен знак за неговото доџо. Тој е познат и по неколкуте подвизи, како што се „Преживување во природа“ и „Патот на Шугенџа“, преку кои ја тестирал својата издржливост и својата волја.

Во 2005 година, Игор Довезенски почнува да ги остварува првите контакти со неколкумина инструктори за Даито рју Аикиџуџутсу,
но вистинскиот учител го сретнува во 2010 година, кога заминува во Италија во доџо-то на единствениот кој не е Јапонец шихан за оваа вештина, Антонино Черта. По враќањето од инструкторската обука во Италија, Игор Довезенски најпрвин отвора секција, која со текот на времето прераснува во доџо. Во 2013 година, тој успешно положува за мајсторско звање (шодан) и се стекнува со титулата шидоин (инструктор) и шибу чо (водач на огранок) односно претставник на Даито Каи за Македонија. Две години подоцна односно во април, 2015 година, Довезенски успешно положува за нидан (II дан), а во октомври, 2018 година, за сандан (III дан). Инаку за тие кои не знаат, највисокиот степен што може да се добие во Даито рју Аикиџуџутсу е годан (V дан).

За време на учеството на БуЈу Каи во Германија (2011 година), пред повеќе од дваесет шихани од целиот свет, Довезенски успешно го положува таканаречениот „сакки“ тест односно тестот на „убиствената намера“. Со тоа, тој станува првиот Македонец со степен годан (5 дан) за Нинџутсу и првиот носител на титулата „шидоши“ за вештините на Буџинкан во нашата земја.

За жал, истата година (ноември), при пад од карпа за време на слободно качување, шидоши Довезенски доживува повреда на рбетот и на карлицата, при што докторите даваат загрижувачки прогнози за неговата иднина односно за можноста за продолжување со тренинзите. Одлучен никогаш да не се откаже од боречките вештини, Довезенски не ги слуша нивните совети за целосно стопирање на физичките активности и почнува подетално да ја истражува работата и функционирањето на човечкиот организам. Со помош на традиционални јапонски техники за растегнување и зајакнување на телото, тој успева да ги совлада болките кои што го следат за време на вежбањето, како и да ја поврати својата подвижност и уште поуспешно да продолжи со секојдневните тренинзи.

Неуморниот дух и љубовта кон традиционалните јапонски борбени вештини го водат кон најстарата документирана корју школа „Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу“. На почетокот на 2013 година, Игор Довезенски заминува во Холандија и станува ученик на шидоша Ерик Лоув, а неколку месеци подоцна дава крвна заклетва (кеппан) пред шиханот на вештината, Нобутоши Отаке.
Во септември, истата година, со дозвола и под менторство на шидоша Лоув, почнува со работа „Катори Шинто рју Македонија“ односно третото доџо во Пат кон Сонцето.

Во 2014 година, за време на тринеделниот престој во Јапонија, како признание за квалитетната и долгогодишна посветеност кон Буџинкан, како и за огромното знаење од областа на нинџутсу школите кои се вежбаат во организацијата, Игор Довезенски добива хачидан (8 дан) директно од соке Масааки Хатсуми.
За време на дваесет и тридневното усовршување во Јапонија, во април, 2018 година, Довезенски секојдневно вежба по осум саати со најголемите авторитети кои предаваат во Хомбу Доџо-то на организацијата, посетувајќи по неколку тренинг-сесии дневно. Посетувајќи ги сите тренинзи на кои предава последниот жив нинџа – соке Масааки Хатсуми, како и часовите на неговите најдобри шихани: Тетсуџи Ишизука, Тоширо Нагато, Јукио Ногучи, Исаму Шираиши и други, на еден од тренинзите, шиханот Јукио Ногучи на водачот на Буџинкан Македонија му доделува 10 дан (џудан), со што единственото признаено македонско доџо денес има учител со највисок ранг. Истовремено, соке Масааки Хатсуми на Довезенски му дава Буго односно боречко име – Грмогласниот Тигар. При тоа, му подарува Какеџику (висечки свиток) на кој своерачно испишува: „Ехото на грмогласниот тигар одекнува низ планините“.
Во 2023 година, како дел од својата редовна обука, учителот Довезенски заминува на уште едно двонеделно усовршување во Јапонија, но овој пат заедно со својот син Петар Довезенски. За време на тренинг-сесијата под водство на учителот Јукио Ногучи, неколку Даи Шихани го номинираат за повисок степен, при што во Македонија се враќа со звањето Џудан Суигјо Хаппо Бикен.
На усовршувањето во март, 2024 година, Довезенски покрај тренинзите со учителите Тоширо Нагато, Норио Сакасаи, Јукио Ногучи и Исаму Шираиши, ја посетува и провинцијата Шига односно градот Кога (Кока), познат како една од лулките на Нинџутсу (покрај Ига). Таму тој остварува средба со членови односно потомци на семејството фуџибајаши, чии предци биле познати Шиноби воини, по што престојува во нивната семејна куќа целата поврзана со тајни повижни ѕидови, тунели и премини кои се користеле за бегство од непријателот. За време на патешествието, учителот Довезенски посветува внимание и на проучување на тајните на градење на јапонските зен градини, како и на церемонијата на чај позната под името Чадо. Тој исто така ги посетува и познатите храмови и градини Сенсо-Џи во Асакуса во Токио, потоа Кодаи-Џи и Кијомизу Дера во Кјото, како и на Нарита-сан во градот Нарита (и многу други помали Шинто и Будистички храмови низ Јапонија).
Само еден месец подоцна, односно при крајот на април (2024), Игор Довезенски повторно заминува на двонеделно Муша Шугјо во Јапонија, овој пат заедно со своите ќерки Косара и Ксенија. За време на престојот македонските преставници на Буџинкан Доџо вежбаат со учителите Тоширо Нагато, Јукио Ногучи, Исаму Шираиши, Хироши Нагасе, Ватару Тезука, Коџи Фурута и други. Свесни за напредокот и залагањето на учителот Довезенски, a на предлог на тројца ДаиШихани, му доделуваат звање Џудан Kaгјо Хаппо Бикен.

За време на патувањата во Јапонија, Игор Довезенски редовно вежба и Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу со шиханите Нобутоши Отаке и Кјосо Шигетоши, кои до најситни детали му ги објаснуваат движењата во катите во оваа најстара Кобудо школа. Најголемото изненадување за Довезенски е приемот кај Јасусада Иизаса, 20-тиот Соке на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу. За да изненадувањето биде поголемо, тој е поканет во Хомбу Доџо-то на оваа школа, при што Довезенски има можност да разговара и да поставува прашања на Соке. Ако се знае, дека на прсти се бројат не-јапонците кои пиеле чај и разговарале со г-динот Јасусада Иизаса во неговото Хомбу Доџо, може да се замисли колкава чест му била укажана на инструкторот од Македонија.

Игор Довезенски е првиот Македонец од Република Македонија што вежбал во доџо-то на д-р Хатсуми, како и во доџо-ата на неговите најстари ученици кои денес се почитувани даи шихани во организацијата Буџинкан. Тој е првиот Македонец што учел директно од легендарниот наследник на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу – шиханот Рисуке Отаке, во неговото Шимбукан Доџо. Исто така, Довезенски е единствениот Македонец што вежбал Даито рју Аикиџуџутсу во Јапонија, како и други класични боречки вештини кои потекнуваат од Земјата на изгрејсонцето.

На 14 септември, 2015 година, на седницата на Стручниот совет на Институтот за етнологија и антропологија, членовите на колегиумот едногласно го одобруваат предлог-проектот на Игор Довезенски за отворање на „Лабораторија за Источни Култури“ во состав на Институцијата, со што за прв пат во Македонија класичните јапонски боречки вештини се издигнуваат на академско ниво. Со тоа, студентите кои студираат на ИЕА, во рамките на предметите „Етнологија на Азија“ и „Етнологија на Јапонија“ задолжително посетуваат настава при што за време на вежбите ја изучуваат теоријата, но и техниките на вештините кои што се предават во Организацијата „Пат кон Сонцето“.

Oгромната љубов кон класичните јапонски боречки вештини и желбата целосно да го посвети својот живот на усовршување во истите, како и потребата да биде постојано со своите три деца кои успешно чекорат по неговите стапки, Игор Довезенски во јуни, 2023 година, носи одлука да ја напушта работата на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ каде што работи цели 18 години и почнува професионално да се занимава исклучиво со предавање на вештините кои ги претставува во Република Македонија.

Поради уникатниот и несебичен начин на предавање на вештините, како и познавањето на техниките до најмали детали, Довезенски честопати е покануван да предава и надвор од својата држава, или, пак, ученици од други земји доаѓаат во Македонија со цел да научат повеќе за Нинџутсу и Буџутсу од него. До овој момент, тој предавал во Швајцарија, Турција, Србија, Португалија, Црна Гора и Романија, а во Македонија дошле да учат од него и ученици од Шпанија, Германија, Италија, Чешка, Русија и Полска.

Шидоши Игор Довезенски никогаш немал намера за експанзија или лична слава. Тој никогаш не вежбал со цел да „собира“ дипломи или титули. Обидите на некои негови „колеги“ да се претстават како големи мајстори или основачи на сопствени стилови, нему отсекогаш му се чинеле смешни. Во текот на неговата досегашна „кариера“ како боречки уметник, секогаш бил воден од огромната љубов кон јапонските традиционални борбени школи. Неговото жртвување на тоа поле е огромно и токму поради тоа, тој е многу почитуван од страна на своите ученици. Игор Довезенски никогаш не соработувал и никогаш не членувал во анонимни организации каде што титулите и звањата се добиваат со уплаќање на парични средства, туку напротив, тој соработува и членува во најреспектираните светски организации предводени од докажани мајстори и корју наследници.

Иако својот живот го посветил на традиционалните борбени системи, Довезенски има голема почит и кон тренингот и дисциплината на борците во мешаните боречки вештини (ММА) и неколкупати досега им помагал одржувајќи им часови за одредени специфични теми во своето доџо.

Игор Довезенски истовремено е сертифициран физиотерапевт-масер, како и основач на системот Шиноби Таисо®, кој има за цел да им помогне на лицата со потешкотии и болки при движењето односно да им се зголеми мобилноста на телото.

Водачот на „Пат кон Сонцето“ заедно со своите ученици редовно организира и учествува во хуманитарни акции или настани, при што ги демонстрира вештините кои ги предава во своето доџо. Во февруари, 2018-та година, одржува демонстрација на Буџутсу, Аикиџуџутсу и Нинџутсу пред јапонскиот конзул во Македонија, неговата екселенција Тојоказу Кубота.

Игор Довезенски по професија е етнолог кој има одлично познавање за науката, но исто така е голем љубител на уметноста, па покрај пишувањето, честопати се занимава и со разни творечки активности. Креатор е на првата јапонска градина во државата, како и автор на првата Буџинкан манга „Такаматсу во Кина“ која се продава низ целиот свет. Тој е заљубен во својата татковина и се труди на сите околу себе да им ја пренесе љубовта кон ова мало парче земја, која од памтивека се вика Македонија. Довезенски е татко на три дечиња кои од своето раѓање постојано го следат низ тренинзите во Доџото. Слободното време го минува со семејството на неговиот селски имот далеку од градската врева, каде се труди да воспостави колку што може поголема хармонија со природата.

Хомбу

Posted on Format СликаCategories За Нас

Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени вештини Пат кон Сонцето, во 2012 година го изгради првото традиционално јапонско доџо во Македонија, но и на Балканот.

Хомбу* Доџо-то е изградено во чиста еколошка средина, со сопствени средства, без никакви донации. За да го оствари својот сон, инструкторот Игор Довезенски купи земја во долината под планината Липац, на 62 километри одалеченост од Скопје и со помош на своето семејство, цигла по цигла, по сопствен нацрт и со сопствени раце, го изгради доџо-то од темел.

При изградбата, употребени се материјали кои ги исполнуваат највисоките еколошки стандарди. Доџо-то се состои од 100 м2
површина за вежбање во приземјето (со татами) и 100 м2 за престој на првиот кат.

Во Хомбу Доџо-то, организацијата Пат кон Сонцето одржува редовни тренинзи за време на викендите, а во август
во него се одржува надалеку познатиот Летен Нинџа Камп.

* Хомбу = седиште, стожер, јадро

Изданија

Posted on Categories За Нас

РАЗГОВОР СО УЧЕНИЦИТЕ

„Разговор со учениците“ е првата македонска книга која е посветена на традиционалните боречки јапонски самурајски и нинџа вештини. Во неа, учителот Игор Довезенски, преку разговор со своите ученици, дава објаснување за создавањето на класичните јапонски борбени традиции, за источната филозофија, за начинот на размислување на воините од далечниот исток, за Патот, како и за животот воопшто.

Издавач: Графо ден
Јазик: Македонски
Година: 2014
Оригинален наслов: Разговор со учениците
Бр. на страни: 249
Димензии: 21 cm
Корица: мека
Цена: 600 денариНа територијата на град Скопје вршиме бесплатна достава.Нарачки на: daito_macedonia@yahoo.com или преку телефонскиот број 071 358 226