Џиссен Хеихо

Posted on Categories Системи

Џиссен (実戦) е борба. Хеихо (兵法) е стратегија.

Џиссен Хеихо е систем развиен од страна на шидоши Игор Довезенски, со цел максимално да се искористи борбената стратегија на традиционалните јапонски борбени вештини и полесно да се прилагоди на денешниот начин на борба.

Џиссен Хеихо не е вештина!!!

Шидоши Довезенски никогаш немал, ниту ќе има желба да создава вештини, или, пак, да се прогласува за нивни основач. Тој никогаш не се сомневал во практичноста на корју.
Напротив, тој верува дека традиционалните борбени вештини се најдобриот начин за лична, но и за заштита на своите најблиски.

Зошто тогаш потреба од Џиссен Хеихо?

„Џиссен Хеихо е систем на самоодбрана, во кој се инкорпорирани најпрактичните техники од сите традиционални борбени вештини кои досега сум ги проучувал и вежбал. Јас не сум измислил ништо ново, а и немам потреба за такво нешто. Според мене, корју нуди се што е потребно за една индивидуа ефикасно да се одбрани. Јас само сакав да го соберам сето мое искуство на едно место и да го прилагодам на новото време. Денес, пред органите на правосудството е многу тешко да докажеш што е самоодбрана. Начинот на борба се менува односно се употребуваат крајно валкани трикови. Борбата се менува под влијание на модерните мешани борачки вештини (ММА). Во такви услови редно е да се развие систем кој се потпира на корју техники и кој ќе овозможи одбрана подготвена во најкракот можен рок. Сите знаеме дека во минатото, тренингот започнувал во детството и траел до крајот на животот. Џиссен Хеихо дава можност на сите кои почнале подоцна да вежбаат корју. На сите кои не се во можност да посветат по неколку часа тренинг дневно. Повторувам, базата на Џиссен Хеихо не е ништо друго освен најдоброто од корју. Џиссен Хеихо се роди од корју. Џиссен Хеихо е корју. Без вежбање корју не е можно да се вежба Џиссен Хеихо.“

За време на тренингот, се користи заштитна опрема со цел да се намалат повредите.

Тренингот е поделен на:

-Шиноби Таисо® (кондиционирање на телото, класични и модерни методи)
-Дакентиџутсу (положби, удари и блокови)
-Џутаиџутсу (зафати, фрлање, давење, контрола)
-Нинпо Не Ваза® (борба на земја)

Се вежба и контролирана слободна борба (рандори)
и атеми но танрен (кондиционирање на ударните површини).

Тренингот изгледа како комбинација од стариот „олд скул“ начин на вежбање во Буџинкан, но со примена на нови методи и техники.

Потсетување !!!

Шидоши Игор Довезенски воопшто не застранува и не „бега“ од таканаречените Такаматсу-ден традиции, од школите кои се изучуваат во Буџинкан, ниту од учењето на соке Масааки
Хатсуми. Како и секогаш, основата на неговиот тренинг се состои од знаењето стекнато преку Буџинкан. Сите кои што вежбале во неговото доџо знаат со каква љубов се вежбаат класичните борбени вештини и дека ретко кој толку многу внимава на детаљите на школите.

Џиссен Хеихо е само начин на вежбање како практично да се примени наученото. Всушност, како што шидоши Игор Довезенски сака да порача на душегрижниците: „ова е само еден од интерните начини како да се ’размлатиме’ чесно меѓу нас и да си ги испотиме задниците. Џиссен Хеихо е стратегија, не е вештина. Корју-то е секогаш наш императив“!!!

Шиноби Таисо

Posted on Categories Системи

Шиноби Таисо® е систем создаден од водачот на Пат кон Сонцето, Игор Довезенски, со цел да ја подобри сопствената кондиција потребна при секојдневните корју тренинзи. Тој се состои од разни вежби за растегнување, како и вежби за зајакнување и зголемување на мускулната издржливост.

Самиот систем претставува збир на традиционални техники за
подобрување на подвижноста и зацврстување на телото користени во класичните боречки школи. Во различни рју-ха, техниките се познати под имињата: Џунан Таисо, Џунан Ундо, Рју Таи Ундо, Ки Ундо, Џунби Таисо и Аики Таисо.

Искуството на Довезенски собрано за време на 25-годишниот тренинг на корју буџутсу, заедно со истражувањето на најновите научни сознанија од полето на кондицискиот тренинг, како и изучувањето на човечката анатомија и биомеханика (наука што ги проучува механичките појави и процеси во живите организми), допринесе за создавање на Шиноби Таисо*.

Која беше потребата за создавање на системот?

За време на долгогодишното водење на доџо-то, инструкторот Довезенски забележал дека некои вежби за загревање на
телото не одговарат и не допринесуваат за зголемување на
кондицијата кај одреден тип на вежбачи. За таа цел, тој почнува да
истражува и да соработува со лица кое се занимаваат со слична
проблематика, почнувајќи од кондициони тренери, па се до физиотерапевти. Така, тој увидува дека секоја градба на телото е уникатна и дека има потреба од различен пристап при кондиционирањето.

Во 2011-та (ноември), при пад од карпа за време на слободно качување, шидоши Довезенски доживува повреда на рбетот и на карлицата, при што докторите даваат загрижувачки прогнози за неговата иднина односно за можноста за продолжување со тренинзите. Одлучен никогаш да не се откаже од боречките вештини, Довезенски не ги слуша нивните совети за целосно стопирање на физичките активности и почнува уште подлабоко да ја истражува работата и функционирањето на човечкиот организам. Со помош на Шиноби Таисо, тој успева да ги совлада болките кои што го следат за време на вежбањето и за кратко време да ја поврати својата подвижност и успешно да продолжи со секојдневните тренинзи.

Во рамките на Шиноби Таисо, на почетокот на 2012-та, почнува со работа и секција која е посветена исклучиво на припадничките на понежниот пол. Групата е наречена Куноичи Таисо и ја предводи семпаи Нела Довезенска.

Првобитно развиен за себе и за своите ученици, Игор Довезенски одлучи овој систем да го понуди на сите кои се заинтересирани да ја зголемат својата физичка кондиција и да го подобрат своето здравје преку вежбање.

* Шиноби ( 忍 ) – личност специзализирана за разни неконвенционални начини на војување, подоцна позната под името Нинџа.

* Таисо ( 体操 ) – зацврстување на телото.

Кои се искуствата на нашите задоволни членови?

„Со Џунан Таисо почнав пред околу една година. По природа сум доста динамична личност, меѓутоа никогаш не ме привлекувале некакви јога вежби.

По убедувањето од страна на моите колешки, одлучив да дојдам на неколку тренинзи и да се обидам да повежбам заедно со нив. Спротивно на моите очекувања, ефектите почнав да ги чувствувам веднаш. Поради природата на мојата работа и понатаму седам часови и часови пред компјутер, меѓутоа сега не чувствувам болки повеќе, а и спиењето многу ми се подобри. Дури и одењето на штикли стана пограциозно.

Учителот Довезенски е приказна сам за себе. Секогаш делува мотивирачки, а истовремено и фрустрирачки, бидејќи неговата техника и вештина се толку недостижни“.

– Проф. Д-р Весна Гершан, меѓународен експерт за медицинска физика

„Практицирањето Џунан Таисо во текот на седмицата и тоа во термини на средината на мојот работен ден, пред се допринесува за зголемување на работната енергија. После часот секогаш се чувствувам релаксирано, иако пред да влезам во доџото многу често доаѓам уморна или загрижена. Растргната од обврските, честопати си велам дека место да доаѓам на вежбање подобро ќе беше да си завршев некое од многубројните задолженија, но по завршувањето на часот сигурна сум дека сум ја направила најпаметната работа.

Секако, за ефикасноста и за подобрувањето на нашето здравје заслужен е нашиот инструктор Игор, кој секогаш ни задава вежби со кои постојано ја зголемуваме еластичноста и издржливоста на телото. Преку нив ни се откриваат и слабите точки кои преку вежбањето ги острануваме. Се надевам дека овие часови ќе се одржуваат уште долго време и дека со текот на годините ќе се чуствувам уште подобро“.

– д-р Гордана Апостоловска, универзитетски професор

Нинпо Не Ваза

Posted on Categories Системи

Во Доџо-то за класични јапонски боречки вештини „Буџинкан
Македонија“, отсекогаш се посветувало внимание на Не Ваза* односно на техниките на борење на земја. Во вештините наследени од Такаматсу, овие техники најмногу се застапени во Такаги Јошин Рју и Шинден Фудо Рју. Многу од катите на овие две школи, завршуваат со техники на давење и лостови во лежечка или во седечка положба.

Во времето на средновековните самураи, до борење на земја доаѓало многу ретко, но имало ситуации кога за време на битката, воинот ќе останел без своето оружје. Доколку биде соборен на земја, преживувањето зависело исклучиво од вештината на употребата на сопственото тело односно голораката борба. Во таква ситуација, од клучно значење било познавањето на техниките на борба на земја односно во легната положба.

Следен од тие сознанија, шидоши Довезенски од 2001 година започнува темелно да ги истражува катите од школите на Буџинкан во кои има таков начин на борба, со цел да ги извлече најдобрите Не Ваза техники и да ги систематизира во каталог кој ќе може да го вежбаат неговите ученици. На крајот на 2009-та, инструкторот Довезенски ја завршува својата мисија, а на почетокот на 2010 одржува семинар на кој јавно го претставува системот Нинпо* Не Ваза®.

Што Довезенски вели за овој систем?

– „Кога одлучив да каталогизирам систем за борење на земја, воопшто не се раководев од желбата за создавање нешто ново или нешто мое. Соке Масааки Хатсуми отсекогаш велел дека неговите вештини треба да се прилагодуваат на времето и на културата во која што живееме. Всушност јас не измислив ништо, туку ги искористив техниките од школите на Буџинкан со цел да одговорам на начините на борба кои се карактеристични за времето во кое живееме. Сите знаеме дека за средновековните јапонски самураи, Не Ваза била последна опција, меѓутоа времињата се менуваат, така што денес борбата многу често завршува токму на земја. Од тие причини, одлучив да го систематизирам знаењето од класичните јапонски борбени вештини во еден систем што го нареков Нинпо Не Ваза“.

* Не Ваза ( 寝技 ) – борба на земја.

* Нинпо ( 忍法 )- начин на нинџата.