Нинџа Камп

Posted on Categories Семинари

Ви здодеа секое лето да одите на одмор на море? Да планирате каде, како и со кого? Да трошите многу пари, а при тоа, за кратко време да Ви избледат летните спомени?

Поминете го ова лето со нас во нашиот нинџа камп. Ние ви гарантираме дека нема никогаш да го заборавите. Сместен во идеално чиста и еколошка средина, 25 километри до најблискиот град, во подножјето на планината Липац, на 150 метри од Крива Река.

Во нашиот камп:
-се спие во доџо или во дрвени нинџа куќички, а достапни се и два шатори за љубителите на ѕвезденото небо
-се одржуваат два тренинга дневно + истражувачки експедиции, ноќни нинџа акции, самурајски битки
-се јаде здрава храна, три оброка домашно приготвени на традиционален начин, од домашни и локални продукти
-се слади со две ужинки, овошје и зеленчук свежо набрани директно од бавча
-се пали и логорски оган, со гитара, песна, се тушира под ведро
небо, се капе во река, се гледаат ѕвезди во ноќта
-се оди на чучавец „за по надвор“, има смешки и глума

Доволно е? Ве заинтересиравме?

Проверете зошто Буџинкан Македонија е лидер за семинари во природа и преживување.

Сакате да понесете некого со вас? Некој што сака да се одмори и да не вежба? Нема проблем. Секој гостин на кампот може да ужива во прекрасната храна, во прошетките во околината и во одморот под сенката на големите ореви во дворот на доџото.

За учесниците од странство, организиран пречек на аеродром и бесплатен трансфер до кампот.

Девет дена-осум ноќевања за 200 евра* (се вклучено)
* (превоз од Скопје и назад + спиење + исхрана + тренинг + незаборавно дружење)
* За уплата до 1 мај цената изнесува 200 евра
* За уплата до 15 јуни цената изнесува 230 евра
* За уплата до 4 август цената изнесува 250 евра

** Доколку посакувате поголема интима, постои можност да спиете во една од нашите дрвени куќички во јапонската зен градина. Изнајмување на куќичка за време на кампот за сите девет дена: 300 евра од особа (со вклучени сите трошоци и уплата до 15 јуни, потоа 350 евра). Во една куќичка можат да спијат најмногу двајца.

Сте имале поефтин и повозбудлив одмор? Не Ви веруваме!
– поаѓање од Скопје на 04.08.2024 во 09.00 часот (пристигнување во
10.00)
– враќање за Скопје на 12.08.2024 во 18.00 часот (пристигнување во 19.00)

Капацитетите се ограничени, па поради тоа „работиме“ на принцип: Прв се пријавил – прв обезбедил или по нашки „Кој превари – тој товари“

Пријавете се на време или ќе морате да одите и да се печете на некоја морска сончева плажа.

Лето 2024 – Навежбај се како човек!

Само нашето доџо работи и во август.

Тема за 2024:
Тогакуре рју Нинпо Таиџутсу + Тогакуре рју Тоами и Фукија

е-маил: daito_macedonia@yahoo.com
е-маил: bujinkan_macedonia@yahoo.com
тел:  00389 (0)75 564 011 (од 09.00 до 15.00)

За повеќе информации посетете ја нашата веб-страница:
camp.koryu.mk 

——————————————————–

Преглед на темите што се вежбаа во текот на изминативе години:

2009 – Кото рју Коппоџутсу / Кенџутсу Кихон – ДаиШо

2010 – Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу / Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден)

2011 – Гјокко рју Кошиџутсу / Тогакуре рју Бикенџутсу

2012 – Тогакуре рју Нинпо Таиџутсу / Тогакуре рју Шурикенџутсу

2013 – Кукишинден рју Дакентаиџутсу / Кукишинден рју Бикен но Хо

2014 – Асајама Ичиден рју Таиџутсу / Кото рју Кен

2015 – Шинден Фудо рју Џутаиџутсу I / Кукамишин рју Боџутсу

2016 – Такаги Јошин рју Џутаиџутсу I / Катори Шинто рју Кенџутсу

2017 – Такаги Јошин рју Џутаиџутсу II / Тогакуре рју Нинџа Бикен

2018 – Даито рју Аикиџуџутсу / Кукишинден рју Нагината

2019 – Гјокко рју Кошиџутсу / Кусари Фундо

2020 – Такаги Јошин рју Џутаиџутсу III / Шинден Фудо рју Иаиџутсу

2021 – Шинден Фудо рју Џутаиџутсу II / Кусари Гама

2022 – Кукишин рју Дакентаиџутсу / Кукишин рју Боџутсу

2023 – Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу / Кукишин рју Џоџутсу

2024 – Тогакуре рју Нинпо Таиџутсу / Тогакуре рју Тоами и Фукија

Подвизи

Posted on Categories Семинари

Преживување во Природа®

Шидоши Игор Довезенски често изјавувал дека боречки вештини
може да вежба секој и секаде. Тој велел дека сигурноста што ја овозможува атмосферата во доџо-то воопшто не дозволува некому да се нарече воин. И најважно од се, Довезенски отсекогаш тврдел дека нинџутсу може да се вежба само преку близок контакт со природата и со тестирање на издржливоста.

Во 2007 година, Игор Довезенски за прв пат организираше семинар со наслов „Преживување во Природа“ на кој членовите на Буџинкан Македонија требаше да ги тестираат крајните граници на својата волја и издржливост. Како што годините изминуваа, така секоја година стандардите и предизвиците беа поголеми, но тоа доведе настанот да добие речиси култен статус меѓу членовите на доџо-то. На последните два-три семинари, само мала група остана доследна и бестрашно влегуваше во оваа опасна авантура. Поради тоа, шидоши Довезенски одлучи во 2013 година, седум години по првиот семинар, да го организира последното „Преживување во Природа“.

За да се разбере за каков настан станува збор, доволно е да се прочита најавата за семинарите која со години се објавуваше три недели пред одржувањето:

За храбрите, за достоинствените.

Два пеколни дена, далеку од цивилизација, без храна и само литар ипол вода, без дополнителна облека и хигиенски средства. Два дена вежбање, медитација и голо преживување.

Место: С’мкнено (26 км. до најблискиот град и болница / пустински услови)

Време: последниот викенд на јули Пријавување најдоцна до 18 јули, со цел да се избегне калкулирање со временските услови.

Почеток: 07:00 часот (сабота)

Враќање: 16.00 часот (доколку преживеете, во спротивно Вашата опрема ќе ја распределиме меѓу нас)

Прочитај убаво и размисли!!!

Maкедонија е позната по пеколните летни температури предизвикани од таканаречените „африкански бранови“. Најтопло е во последните денови од јули, кога температурата се искачува и над 45 целзиусови, а индексот на сончевото зрачење е на максималното ниво.

Пред семинарот, секој учесник во сопствена организација треба да си направи соодветни лекарски прегледи и да добие усмена или писмена потврда од лекар дека е психофизички здрав и целосно подготвен за дводневен екстремен напор (под врелото летно сонце), без храна и вода, а проследен со тежок тренинг и тричасовен сон.

Секој учесник доброволно се пријавува на семинарот и сноси сопствена одговорност за евентуалните последици настанати по неговото здравје или живот!

Дозволена опрема: вреќа за спиење, шаторско крило, војничка униформа (панталони и кошула), една маица, капа, еден пар гаќи (широки), еден пар чорапи, јаже, нож и шише од литро ипол (празно).

Важно: забрането носење храна, вода и останати работи кои не се наведени погоре. Пред поаѓање, ќе има задолжителна проверка.

Најважно: семинарот е предвиден само за цврсти момци и девојки. Условите за тренинг ќе бидат исклучително тешки, а дисциплината ќе биде железна. Тие кои не се чуствуваат психофизички спремни за да „влезат во пеколот“ и кои не се подготвени да го убијат сопственото его, ги молиме да не се пријавуваат на семинарот. Имајте во предвид дека температурата на воздухот може да се искачи над 45 целзиусови. Забрането седнување на задник за време на семинарот (во текот на двата дена) и потпирање на сите четири екстремитети истовремено. Само три часа спиење, останатото време тренинг.

Забрането жалење, изговори и плачење за време на семинарот.

Појаснување: Дозволена количина на вода за пиење за двата дена: 1.5 литри.

Неколкупати досега сме слушнале дека „чим е дозволено литар ипол вода и не е толку страшно“. Должни сме да Ви појасниме дека таа количина на вода, под врелото сонце, се губи во првите неколку часови од тренингот. Течностите од Вашето тело испаруваат преку потење, дишење и зборување. Вие во текот на двата дена постојано имате активности кои предизвукуваат потење, а при тоа не смеете да седнете ниту за миг и да се одморите. Нема сенки, нема дополнителни количини вода. Размислете добро!!!

Се гледаме наскоро во „дупката“. 

___________________________________________

Патот на Шугенџа®

И овој подвиг Игор Довезенски го востанови во 2007 година, со цел воините на Буџинкан Македонија да ја тестираат својата волја и издржливост. Ова духовно патување, како што уште беше наречено од страна на основачот, традиционално се одржуваше во последната недела на месецот септември. После седум години од првиот марш, шидоши Довезенски одлучи дека е време и овој настан да замине во „историјата“ и да се придружи на останатите подвизи по кои Буџинкан Македонија е позната.

За што поточно станува збор, ќе можете да видите од најавата што се објавуваше три недели пред одржувањето:

Воините од доџо-то за традиционални јапонски боречки вештини Буџинкан Македонија и оваа година ќе појдат на духовното патување наречено „Патот на Шугенџа“.

Дваесетина ден пред одржувањето на настанот, инструкторот Довезенски постела географска карта на Македонија на земја, а потоа со заврзани очи посочува кон одредено место. Потоа со линијар се повлекува правец од почетната до крајната точка. Подоцна учесниците на семинарот се движат по таа патека, без разлика на условите на теренот. Во просек, патот кој што се изодува изнесува околу 60 километри, а рекордот беше поставен во 2009 година, кога членовите на Буџинкан Македонија изодеа 80 километри за 15 часа и 40 минути.

Шугендо е древен јапонски метод кој ги истражува релациите помеѓу човекот и природата. Шугендо значи „Пат преку вежбање и тестирање“, односно тоа е аскетска дисциплина која има за цел да постигне самоусовршување преку повлекување во планина, медитација под водопади и ладни реки, вежби за дишење на недостапни терени, се до достигнување на неверојатни подвизи преку тестирање на телесната и менталната издржливост. Тие кои го практикуваат овој метод, познати се под името Шугенџа, а учењето се практикува во Јапонија се до денешни дни.

За основач на учењето се смета Ен но Гјоџа, кој живеел во близина на Кјото во 7 век од нашата ера. Другото име, по кое овие следбеници биле познати е Јамабуши или Планински Воини. Тие крстосувале по планините посетувајќи и заштитувајќи ги многубројните храмови. Некои учени веруваат дека токму овие луѓе, здружени со пребегнатите кинески генерали по падот на династијата Танг, се сметаат за основоположници на вештината Нинџутсу.

Тема: Патот на Шугенџа / Духовно патување

Ден: последната недела на септември

Место: Липац – Кокино (за 2009-та, инаку секоја година различна патека)

Програма:
07.00 часот – поаѓање од Скопје
08.00 часот – пристигнување и почеток на маршот
Враќање назад – само Господ знае!

Опрема: Земете се што сакате. Се е на Ваша одговорност и совест.

п.с. Не е исклучена средба со диви животни, дожд, невреме и останати непредвидени работи. Секој доаѓа на сопствен ризик. Пред да се пријавите, проверете ги информациите на нашата веб-страница од минатите години.

Меѓународни

Posted on Categories Семинари

Членувањето и соработката со најреспектираните организации за класични јапонски боречки вештини, ни овозможува одржување на меѓународни семинари со најдобрите и најпочитуваните корју мајстори.

Неколку пати досега сме биле домаќини на Свенерик Богсатер (Буџинкан), Антонино Черта (Европска Даито Организација), Ерик Лов (Теншин Шоден Катори Шинто рју), Марио Де Мол (Џиненкан), како и на многумина други познати експерти за корју и будо.

Во минатото, организиравме и до три меѓународни семинари во текот на годината, а во последниве години нивниот број се намали на два пати годишно.

Нашата посветеност кон боречките вештини ветува уште многу интернационални настани во нашата земја. Најавите за семинарите можете да ги следите —> тука

Катори Шинто рју

Posted on Categories За Нас
Иизаса Чоисаи Иенао – основачот на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу

Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу се смета за најстара документирана јапонска борбена вештина со непрекината историја на наследници. Од страна на Јапонската влада, таа е прогласена за национално богатство. Многу јапонски рју-ха директно потекнуваат или се развиени под влијание на Катори Шинто рју.

Во својот курикулум, оваа древна вештина содржи техники како што се: иаи џутсу (брзо извлекување и сечење со меч), кен џутсу (мечување), бо џутсу (борба со стап), нагината џутсу (борба со хелебарда), џу џутсу (голорака борба), шурикен џутсу (гаѓање со сечива), нинџутсу (шпионирање), со џутсу (борба со копје), сен џутсу (тактика), чикуџо џутсу (стратегија на бојно поле) итн.

Дури и денес, Катори Шинто рју се раководи според старите правила и обичаи кои прецизно биле востановени пред шестотина години од основачот на вештината Иизаса Чоисаи Иенао. Еден од тие обреди е потпишувањето на документ за лојалност со сопствената крв (со засекување на прстот со нож). На тој начин се зачувува оригиналноста на техниките и стриктно се следат препораките на првиот соке (основач, поглавар).

Игор Довезенски со шиханот Рисуке Отаке во доџото Шинбукан во Нарита – Јапонија

Во моментов, Иизаса Јасусада е дваесеттиот соке на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, но поради здраствени причини, главен инструктор за вештината е шиханот Рисуке Отаке.

Денес оваа почитувана школа има ограноци во неколку земји, со претставници (шидоша) поставени директно од страна на Хомбу Доџо-то во Нарита-ши, Јапонија.

Македонија е единствена земја во регионот во која што може да се вежба Теншин Шоден Катори Шинто рју, благодарение на пожртвуваноста и на огромната љубов на Игор Довезенски кон јапонските боречки вештини.

Во природа

Posted on Categories Семинари

Семинарите во природа години наназад се заштитен знак на Доџо-то за класични јапонски боречки вештини Буџинкан Македонија и на организацијата Пат кон Сонцето. Никој не може да се пофали дека има поголемо искуство од нас, бидејќи досега имаме организирано над 300 настани од овој тип.

Семинарите во природа се одлична можност за учениците да го збогатат и да го проверат своето знаење, како и да ја зголемат својата психо-физичка кондиција. Покрај другото, тие им овозможуваат на учениците интеракција со петте природни елементи (годаи) како и постигнување на хармонија со околината .

Tреба да се споменат и придобивките кои ги добиваме од природата, како што се: чистиот воздух, природната влажност и сончевите зраци. Отворениот простор, далеку од градските средини, овозможува изострување на сетилата, подобрување на здраствената состојба, чистење на отровите од телото…

Со учество на семинар во природа, барем еден ден ќе заборавите на слободните радикали, позитивните јони и на негативните зрачења, предизвикани од урбаното секојдневие и од електронските апарати.

(За да ги следите најавите за семинарите во природа, редовно посетувајте ја нашата веб-страница: www.bujinkan.org.mk)

 

Интензивни

Posted on Categories Семинари

Интензивните семинари се одржуваат секој викенд во Хомбу Доџо-то на Пат кон Сонцето. Тие се наменети за сериозните корју практичари, бидејќи нудат длабинско проучување на катите и интензивно вежбање на најситните детали на вештините. Доколку сакате да ги научите сите есенцијални вредности на една рју-ха, интензивните семинари се најдобриот начин за тоа.

Во текот на двата дена се вежба вкупно 10 часа, на однапред зададена тема. Тренингот најчесто се однесува на некоја од јапонските борбени школи кои се изучуваат во нашата организација (таиџутсу) или на некое традиционално јапонско оружје (букиџутсу). За сите учесници обезбедено е бесплатно сместување во доџо-то.

Распоред за време на Интензивните семинари:

Сабота:
-прв тренинг: 10.30-12.30
-втор тренинг 14.30-15.30
-трет тренинг 18.30-20.30

Недела:
-прв тренинг: 09.30-11.30
-втор тренинг 11.30-12.30
-трет тренинг 15.30-17.30

 

Членовите на Пат кон Сонцето ги добиваат темите за Интензивните Семинари однапред за секој месец. Доколку не сте член на нашата организација, а сакате да учествувате на овие семинари, испратете барање на нашата официјална електронска адреса: daito_macedonia@yahoo.com

Инструктор

Posted on Categories За Нас

Игор Довезенски е роден 1974 година во Скопје. На седумгодишна возраст, почнува да се занимава со карате, а подоцна и со други боречки вештини кои ги вежба се до својата четиринаесетта година. Во 1986-та, од својот татко на подарок добива видео рекордер и една вхс касета со филмот „Нинџа Осветник / Revenge of the Ninja“. Истата вечер неговиот живот е веќе предодреден. Тоа што ќе започне како детска игра и фантазија, засекогаш ќе му го трасира Патот.

На 14-годишна возраст (1988), Довезенски дознава за организацијата Буџинкан и за нејзиниот водач Масааки Хатсуми и почнува да ги остварува првите контакти со тогашните европски мајстори за нинџутсу. Истовремено ги прекинува тренинзите за карате и одлучува целосно да се посвети на класичните јапонски боречки вештини.

На почетокот на 1994-та, Довезенски е регрутиран во Воената Полиција на Армијата на Република Македонија, а по завршувањето на обуката е селектиран во најелитната единица во тоа време, таканаречениот ПТ Вод (Против-терористички Вод).

Во 1995 година, Игор Довезенски ја основа Организацијата за изучување традиционални јапонски борбени вештини Пат кон Сонцето, а истата година (2 јули) го отвара првото нинџутсу доџо во Македонија. Во тоа време, тој е еден од најмладите инструктори за боречки вештини во својата земја. Со текот на времето, неговиот интерес за класичните школи се повеќе расте, а љубовта кон боречките вештини го тера се почесто да патува и да учествува на многубројни семинари низ Европа. Од 1995 година, па до денес, Довезенски има учествувано во над 200 семинари, интензивни курсеви и работилници за традиционални и модерни боречки вештини. Како инструктор, тој има предавано на над шестотини семинари, интензивни курсеви и работилници, меѓу кои најпознати се неговите семинари во природа кои станаа заштитен знак за неговото доџо. Тој е познат и по неколкуте подвизи, како што се „Преживување во природа“ и „Патот на Шугенџа“, преку кои ја тестирал својата издржливост и својата волја.

Во 2005 година, Игор Довезенски почнува да ги остварува првите контакти со неколкумина инструктори за Даито рју Аикиџуџутсу,
но вистинскиот учител го сретнува во 2010 година, кога заминува во Италија во доџо-то на единствениот кој не е Јапонец шихан за оваа вештина, Антонино Черта. По враќањето од инструкторската обука во Италија, Игор Довезенски најпрвин отвора секција, која со текот на времето прераснува во доџо. Во 2013 година, тој успешно положува за мајсторско звање (шодан) и се стекнува со титулата шидоин (инструктор) и шибу чо (водач на огранок) односно претставник на Даито Каи за Македонија. Две години подоцна односно во април, 2015 година, Довезенски успешно положува за нидан (II дан), а во октомври, 2018 година, за сандан (III дан). Инаку за тие кои не знаат, највисокиот степен што може да се добие во Даито рју Аикиџуџутсу е годан (V дан).

За време на учеството на БуЈу Каи во Германија (2011 година), пред повеќе од дваесет шихани од целиот свет, Довезенски успешно го положува таканаречениот „сакки“ тест односно тестот на „убиствената намера“. Со тоа, тој станува првиот Македонец со степен годан (5 дан) за Нинџутсу и првиот носител на титулата „шидоши“ за вештините на Буџинкан во нашата земја.

За жал, истата година (ноември), при пад од карпа за време на слободно качување, шидоши Довезенски доживува повреда на рбетот и на карлицата, при што докторите даваат загрижувачки прогнози за неговата иднина односно за можноста за продолжување со тренинзите. Одлучен никогаш да не се откаже од боречките вештини, Довезенски не ги слуша нивните совети за целосно стопирање на физичките активности и почнува подетално да ја истражува работата и функционирањето на човечкиот организам. Со помош на традиционални јапонски техники за растегнување и зајакнување на телото, тој успева да ги совлада болките кои што го следат за време на вежбањето, како и да ја поврати својата подвижност и уште поуспешно да продолжи со секојдневните тренинзи.

Неуморниот дух и љубовта кон традиционалните јапонски борбени вештини го водат кон најстарата документирана корју школа „Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу“. На почетокот на 2013 година, Игор Довезенски заминува во Холандија и станува ученик на шидоша Ерик Лоув, а неколку месеци подоцна дава крвна заклетва (кеппан) пред шиханот на вештината, Нобутоши Отаке.
Во септември, истата година, со дозвола и под менторство на шидоша Лоув, почнува со работа „Катори Шинто рју Македонија“ односно третото доџо во Пат кон Сонцето.

Во 2014 година, за време на тринеделниот престој во Јапонија, како признание за квалитетната и долгогодишна посветеност кон Буџинкан, како и за огромното знаење од областа на нинџутсу школите кои се вежбаат во организацијата, Игор Довезенски добива хачидан (8 дан) директно од соке Масааки Хатсуми.
За време на дваесет и тридневното усовршување во Јапонија, во април, 2018 година, Довезенски секојдневно вежба по осум саати со најголемите авторитети кои предаваат во Хомбу Доџо-то на организацијата, посетувајќи по неколку тренинг-сесии дневно. Посетувајќи ги сите тренинзи на кои предава последниот жив нинџа – соке Масааки Хатсуми, како и часовите на неговите најдобри шихани: Тетсуџи Ишизука, Тоширо Нагато, Јукио Ногучи, Исаму Шираиши и други, на еден од тренинзите, шиханот Јукио Ногучи на водачот на Буџинкан Македонија му доделува 10 дан (џудан), со што единственото признаено македонско доџо денес има учител со највисок ранг. Истовремено, соке Масааки Хатсуми на Довезенски му дава Буго односно боречко име – Грмогласниот Тигар. При тоа, му подарува Какеџику (висечки свиток) на кој своерачно испишува: „Ехото на грмогласниот тигар одекнува низ планините“.
Во 2023 година, како дел од својата редовна обука, учителот Довезенски заминува на уште едно двонеделно усовршување во Јапонија, но овој пат заедно со својот син Петар Довезенски. За време на тренинг-сесијата под водство на учителот Јукио Ногучи, неколку Даи Шихани го номинираат за повисок степен, при што во Македонија се враќа со звањето Џудан Суигјо Хаппо Бикен.

За време на патешествијата во Јапонија, Игор Довезенски редовно вежба и Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу со шиханите Нобутоши Отаке и Кјосо Шигетоши, кои до најситни детали му ги објаснуваат движењата во катите во оваа најстара Кобудо школа. Најголемото изненадување за Довезенски е приемот кај Јасусада Иизаса, 20-тиот Соке на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу. За да изненадувањето биде поголемо, тој е поканет во Хомбу Доџо-то на оваа школа, при што Довезенски има можност да разговара и да поставува прашања на Соке. Ако се знае, дека на прсти се бројат не-јапонците кои пиеле чај и разговарале со г-динот Јасусада Иизаса во неговото Хомбу Доџо, може да се замисли колкава чест му била укажана на инструкторот од Македонија.

Игор Довезенски е првиот Македонец од Република Македонија што вежбал во доџо-то на д-р Хатсуми, како и во доџо-ата на неговите најстари ученици кои денес се почитувани даи шихани во организацијата Буџинкан. Тој е првиот Македонец што учел директно од легендарниот наследник на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу – шиханот Рисуке Отаке, во неговото Шимбукан Доџо. Исто така, Довезенски е единствениот Македонец што вежбал Даито рју Аикиџуџутсу во Јапонија, како и други класични боречки вештини кои потекнуваат од Земјата на изгрејсонцето.

На 14 септември, 2015 година, на седницата на Стручниот совет на Институтот за етнологија и антропологија, членовите на колегиумот едногласно го одобруваат предлог-проектот на Игор Довезенски за отворање на „Лабораторија за Источни Култури“ во состав на Институцијата, со што за прв пат во Македонија класичните јапонски боречки вештини се издигнуваат на академско ниво. Со тоа, студентите кои студираат на ИЕА, во рамките на предметите „Етнологија на Азија“ и „Етнологија на Јапонија“ задолжително посетуваат настава при што за време на вежбите ја изучуваат теоријата, но и техниките на вештините кои што се предават во Организацијата „Пат кон Сонцето“.

Поради огромната љубов кон класичните јапонски боречки вештини и желбата целосно да го посвети својот живот на усовршување во истите, како и потребата да биде постојано со своите три деца кои успешно чекорат по неговите стапки, Игор Довезенски во јуни, 2023 година, ја напушта работата на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ каде што работи цели 18 години и почнува професионално да се занимава исклучиво со предавање на вештините кои ги претставува во Република Македонија.

Поради уникатниот и несебичен начин на предавање на вештините, како и познавањето на техниките до најмали детали, Довезенски честопати е покануван да предава и надвор од својата држава, или, пак, ученици од други земји доаѓаат во Македонија со цел да научат повеќе за Нинџутсу и Буџутсу од него. До овој момент, тој предавал во Швајцарија, Турција, Србија, Португалија, Црна Гора и Романија, а во Македонија дошле да учат од него и ученици од Шпанија, Русија и Полска.

Шидоши Игор Довезенски никогаш немал намера за експанзија или лична слава. Тој никогаш не вежбал со цел да „собира“ дипломи или титули. Обидите на некои негови „колеги“ да се претстават како големи мајстори или основачи на сопствени стилови, нему отсекогаш му се чинеле смешни. Во текот на неговата досегашна „кариера“ како боречки уметник, секогаш бил воден од огромната љубов кон јапонските традиционални борбени школи. Неговото жртвување на тоа поле е огромно и токму поради тоа, тој е многу почитуван од страна на своите ученици. Игор Довезенски никогаш не соработувал и никогаш не членувал во анонимни организации каде што титулите и звањата се добиваат со уплаќање на парични средства, туку напротив, тој соработува и членува во најреспектираните светски организации предводени од докажани мајстори и корју наследници.

Иако својот живот го посветил на традиционалните борбени системи, Довезенски има голема почит и кон тренингот и дисциплината на борците во мешаните боречки вештини (ММА) и неколкупати досега им помагал одржувајќи им часови за одредени специфични теми во своето доџо.

Игор Довезенски истовремено е сертифициран физиотерапевт-масер, како и основач на системот Шиноби Таисо®, кој има за цел да им помогне на лицата со потешкотии и болки при движењето односно да им се зголеми мобилноста на телото.

Водачот на „Пат кон Сонцето“ заедно со своите ученици редовно организира и учествува во хуманитарни акции или настани, при што ги демонстрира вештините кои ги предава во своето доџо. Во февруари, 2018-та година, одржува демонстрација на Буџутсу, Аикиџуџутсу и Нинџутсу пред јапонскиот конзул во Македонија, неговата екселенција Тојоказу Кубота.

Игор Довезенски по професија е етнолог кој има одлично познавање за науката, но исто така е голем љубител на уметноста, па покрај пишувањето, честопати се занимава и со разни творечки активности. Креатор е на првата јапонска градина во државата, како и автор на првата Буџинкан манга „Такаматсу во Кина“ која се продава низ целиот свет. Тој е заљубен во својата татковина и се труди на сите околу себе да им ја пренесе љубовта кон ова мало парче земја, која од памтивека се вика Македонија. Довезенски е татко на три дечиња кои од своето раѓање постојано го следат низ тренинзите во Доџото. Слободното време го минува со семејството на неговиот селски имот далеку од градската врева, каде се труди да воспостави колку што може поголема хармонија со природата.

Звања

Posted on Categories Тренинг
Звања / Шого /称号

Секое доџо односно секоја организација има воспоставено свој систем на степенување односно звања (титули).

Буџинкан Македонија Доџо

-шошинша (почетник, 10-8 кју)
-кохаи (помлад ученик, штитеник 7-3 кју)
-семпаи (постар ученик, ментор 2-1 кју)
-шидоши хо (помлад учител, над шодан)
-шидоши (учител, над годан)
-шихан (мајстор учител, џудан)

Даито рју Македонија Доџо

-деши (ученик, 6-3 кју)
-учи деши (личен ученик, 2-1 кју)
-фукушидоин (помошник на учителот, над шодан)
-шидоин (учител, над шодан)
-шихан (мајстор учител, годан)

Катори Шинто рју Македонија Доџо

-деши (ученик, кеппан)
-шидоша (учител, менкјо)
-шихан (мајстор учител, менкјо каиден)

Должни сме да Ви напоменеме, дека во сите наши доџо-а, се одржува високо поставен стандард при оценувањето на Вашето знаење односно доделувањето на титулите. За разлика од многубројните третокласни организации и клубови, кои (за жал) во последно време боречките вештини ги претворија во бизнис, па во трка за нови ученици, буквално ги продаваат дипломите и звањата, во нашата Организација постои строг критериум кој доследно се почитува.

Поради строгите правила и прописи, нашите членови се стекнуваат со квалитетно знаење кое одговара на нивното звање, а тоа пак допринесува за огромната почит која најдобрите светски организации и учители ја негуваат кон нашата Организација.

Инструкторот Довезенски за ова вели:
– „За да стигнете до мајсторско звање во нашата Организација, потребни се години тешка и напорна работа. Јас не подарувам сертификати и дипломи поради другарство, насмевки или материјална корист. Мене единствено ми е важна вештината со која што моите ученици ќе се стекнат. Јас ги донесов традиционалните боречки вештини во Македонија и должен сум да се грижам за нивниот углед. Доколку навистина сакате да научите корју, добредојдени сте во моето доџо. Ако сакате да си купите диплома, звање или брзо да напредувате, најдете си некој друг клуб. Со задоволство ќе Ви дадам адреси каде да се обратите. Во последно време се намножија многу такви“.

Хомбу

Posted on Format СликаCategories За Нас

Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени вештини Пат кон Сонцето, во 2012 година го изгради првото традиционално јапонско доџо во Македонија, но и на Балканот.

Хомбу* Доџо-то е изградено во чиста еколошка средина, со сопствени средства, без никакви донации. За да го оствари својот сон, инструкторот Игор Довезенски купи земја во долината под планината Липац, на 62 километри одалеченост од Скопје и со помош на своето семејство, цигла по цигла, по сопствен нацрт и со сопствени раце, го изгради доџо-то од темел.

При изградбата, употребени се материјали кои ги исполнуваат највисоките еколошки стандарди. Доџо-то се состои од 100 м2
површина за вежбање во приземјето (со татами) и 100 м2 за престој на првиот кат.

Во Хомбу Доџо-то, организацијата Пат кон Сонцето одржува редовни тренинзи за време на викендите, а во август
во него се одржува надалеку познатиот Летен Нинџа Камп.

* Хомбу = седиште, стожер, јадро

Organization

Posted on Categories hombu

Taiyou e no Michi is a non-commercial organization that is dedicated to the teachings of the traditional Japanese martial arts. It is founded in 1995, by Igor Dovezenski, the only Macedonian that carries several titles in different classical martial schools (ryu-ha). Since the founding, the organization is working uninterrupted and has training sessions for its members every day. 

The same year (2nd July, 1995), the first Ninjutsu dojo in the country – „Bujinkan Macedonia“ was opened within the organization. For now, that is the only acknowledged dojo* in our state by the chief of Bujinkan, soke Masaaki Hatsumi. 

„Bujinkan Macedonia“ even today is considered as one of the most dynamic clubs in Europe, with numerous and active memberships, that speak for the quality of knowledge that is gained in the dojo. 

In 2010, or fifteen years after the opening of „Bujinkan Macedonia“, „Daito ryu Macedonia – Koryu Dojo“ starts working within Taiyou e no Michi. Two Japanese martial schools are taught there: Daito ryu Aikijujutsu and Ono ha Itto ryu Kenjutsu (Takeda-den). This dojo is an equal member of the European Daito Organization (European Daito Kai), under the leadership of the only non-Japanese shihan for Daito ryu Aikibudo, Antonino Certa.

At the beginning of 2013, Igor Dovezenski becomes a student of shidosha Erik Louw, and several months later gives a blood oath (keppan) in front of the shihan of Tenshin Shoden Katori Shinto ryu Bujutsu, Nobutoshi Otake. The same year, in September, with permission and under the guidance of shidosha Louw, „Katori Shinto ryu Macedonia“ starts working, the third dojo in Taiyou e no Michi.

Igor Dovezenski is the first the only Macedonian from the Republic of Macedonia for now that traveled to Japan with the purpose to train and study the traditional Japanese martial arts. During the stay, he had the opportunity to study directly from the founder of the Bujinkan Dojo – Dr. Masaaki Hatsumi, as well as from the legendary heir of Tenshin Shoden Katori Shinto ryu Bujutsu – shihan Risuke Otake. In addition, Dovezenski is the only Macedonian that trained Daito ryu Aikijujutsu in Japan, along with other classical martial arts that originate from the Land of The Rising Sun.

Without any intent for expansion or personal glory, followed purely by love for traditional Japanese martial arts, Igor Dovezenski creates the only organization in Macedonia where the most famous Japanese classical samurai and ninja styles of combat can be practiced.

The organization dedicated to the study of traditional Japanese martial arts Taiyou e no Michi, from the beginning until today, organized more than three hundred national and around thirty international seminars with participation of the most well-known world master for koryu. Besides the participation in several most respected intercontinental organizations, Taiyou e no Michi is open for collaboration and exchange of knowledge with all enthusiasts that share the common interest from the area of Japanese classical arts.

*dojo (道場) –  a place for perfecting the Path